Во рамките на проектот ACT4PRESPA, поддржан од Европска Унија во рамките на програмата ЕУ за Преспа, успешно се реализираше етнолошко теренско истражување посветено на традиционалната култура и нематеријалното културно наследство во Преспанскиот регион. Активноста се спроведе од страна на НУ Завод и музеј – Битола во соработка со студенти и професори од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, при што активно беа вклучени и локални жители од регионот.
Соработката на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ со проектот Акт4Преспа претставуваше особено значајно и вредно искуство за нашите студенти, кои преку теренска работа имаа можност непосредно да се запознаат со секојдневниот живот и традиционалната култура во селата од Преспанскиот регион, со посета на локации и во албанскиот и во грчкиот дел на Преспа. Проектот беше одлично организиран и овозможи работа во пријатна и поттикнувачка атмосфера, како и директна комуникација со соговорници од различни генерации.

Студентите реализираа интервјуа на повеќе теми поврзани со локалната традиција, обичаи и исхрана, а имаа можност и практично да учествуваат во подготовка на традиционални јадења, како баклава и ѓомлезе.

Ваквите искуства се од особена важност за нивниот професионален развој, бидејќи овозможуваат поврзување на теоретското знаење со реална теренска работа и непосреден контакт со културното наследство. – изјави Проф. Д-р Илина Јакимовска – шеф на Институтот за етнологија и антропологија
Истражуваните теми беа различни: народни верувања, традиционална исхрана, лични приказни, обредни пракси и верувања поврзани со свети места и натприродни суштества (самовили, вампири).

Оваа година, студентите имаа поголемо лично истражувачко искуство, добра претходна подготовка во врска со населението и етнографијата на преспанските села, така што и резултатите се добри… Многу добрата организација беше на носителите на проектот, Завод и Музеј – Битола и искуството на д-р Мери Стојанова. Сега ни претстои транскибирање на снимените и запишаните материјали, работа која поради не секогаш разбирливиот дијалект и говор, е одговорна и сериозна задача.“ – изјави Проф. Д-р Мирјана Мирчевска.
Собраните материјали ќе послужат како вредна база за идни елаборати, научни истражувања и активности насочени кон заштита, промоција и одржливо користење на културното наследство.

Со ваквите активности, проектот ACT4PRESPA придонесува кон зачувување, валоризација и пренесување на богатото нематеријално културно наследство на Преспанскиот регион за идните генерации.
Теренското истражување се реализира во рамки на проектот ACT4PRESPA, кој се спроведува во рамките на програмата ЕУ за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, како рестриктивен повик кој се имплементира под EuropeAid/178154/DD/ACT/MK, Инструмент за претпристапна помош за рурален развој, и се однесува на активности кои треба да бидат имплементирани исклучиво во делот на Преспанското Езеро, Република Северна Македонија.
