Македониум, втора епизода: Управата за заштита на културното наследство не дала дозвола за решетките

Македониум

Управата за заштита на културното наследство не издала дозвола за поставувањето на металните решетки на галериите со витражи на споменикот „Илинден“ – Македониум во Крушево, а инспектори ќе извршат вонреден увид на објектот за да утврдат што точно е направено и дали интервенцијата е во согласност со прописите.

Ова го изјавила директорката на Управата Весела Честоева за порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.

Според Честоева, Управата не дала согласност за поставување на металните решетки како дел од конзерваторските работи на споменикот од прва категорија. Таа најавила дека инспектори ќе заминат во Крушево за да ја утврдат фактичката состојба и дали се почитувани законските процедури при изведувањето на интервенцијата.

Реакциите во јавноста следуваа откако беа објавени фотографии од метални решетки поставени на галериите со витражи на Македониумот. Архитекти, конзерватори и љубители на културното наследство оценија дека ваквата интервенција го нарушува изгледот на еден од најзначајните споменици на модерната македонска архитектура.

Уште една институција сега е вовлечена во случајот. На официјалната страница на Националниот конзерваторски центар, на 24 јули е објавено дека на 22 јули, стручен тим од Центарот извршил стручен увид на витражните композиции на сликарот Борко Лазески. Но никаде не се нагласува дека конзерваторите што биле на увидот дале согласност за поставување на решетките, иако според фотографиите што ги објавува НКЦ решетките се веќе таму.

„Увидот беше реализиран како стручна поддршка на носителот на проектот – НУ Завод и музеј Прилеп, со цел согледување на моменталната состојба на витражните елементи и дефинирање на понатамошните истражувачки активности, кои ќе претставуваат основа за изработка на проект за нивна трајна заштита, конзервација и реставрација. Во стручниот тим учествуваа м-р Владо Муковски, советник конзерватор, и Орхан Османи, конзерватор од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. При увидот беа констатирани бројни оштетувања на металната носечка конструкција, како и на витражните стакла, при што беше утврдена потребата од итно преземање конзерваторски мерки за нивна заштита. Во рамките на претстојните истражувачки работи, сите констатирани оштетувања ќе бидат детално документирани, анализирани и стручно евалуирани, со цел изработка на соодветна конзерваторско-реставраторска документација и обезбедување долгорочна заштита на овој значаен споменик на современото македонско културно наследство“, вели НКЦ.

Поглед одвнатре на витражите на Борко Лазески (Фото: НКЦ)

Претходно, Националната установа „Завод и музеј – Прилеп“, која е надлежна за заштитата на споменикот, соопшти дека поставените решетки имаат исклучиво привремена и превентивна функција. Оттаму објаснија дека целта е да се спречи понатамошно навлегување на вода и влага во објектот додека се подготвува основниот проект за конзервација, реставрација и санација на куполата, по што ќе бидат дефинирани трајните решенија.

Случајот отвори и прашања за почитувањето на законската процедура при интервенции на културни добра од највисока категорија, како и за усогласеноста на привремените заштитни мерки со конзерваторските стандарди.

Македониумот, дело на архитектите Јордан и Искра Грабул, е еден од најпознатите симболи на македонската модернистичка архитектура и е прогласен за културно наследство од прва категорија.

Најчитано