Овојпат предупредувањето не е дипломатски спакувано во внимателни формулации. Во најновиот нацрт-извештај за 48. сесија на Комитетот за светско наследство, УНЕСКО практично констатира дека Северна Македонија и Албанија не успеале да го заштитат Охридскиот Регион и предлага негово впишување на Листата на светско наследство во опасност. Доколку Комитетот ја потврди одлуката на 22 јули во Бусан, тоа нема да биде казна за Охрид, туку официјална меѓународна дијагноза дека државите дозволиле едно од највредните европски природни и културни богатства да се движи кон неповратна деградација.
Она што најмногу загрижува не е самиот предлог за впишување на Листата на светско наследство во опасност. Најалармантно е што УНЕСКО веќе нема дилема дека условите за тоа се исполнети.
Ова не е предупредување – ова е пресуда за неодговорноста
Со години македонските власти ја претставуваат секоја нова одлука на УНЕСКО како „уште една препорака“. Но, ако се прочитаат документите хронолошки, се гледа сосема поинаква слика.
Комитетот со години наназад предупредува дека заканите се сериозни и дека голем дел од препораките не се спроведуваат. Во 2019 година, тогашната Влада, донесе План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и побара итни мерки и мобилизација на сите институции. За жал на терен, главно обврските на локалната самоупраба не беа спроведени според препораките, па во 2024 година УНЕСКО повторно оцени дека опасностите се реални и дека е можно впишување на Листата на светско наследство во опасност. Во 2025 година веќе констатира дека кумулативните последици од урбанизацијата, инфраструктурните проекти, загадувањето, несоодветното просторно планирање и деградацијата на крајбрежјето предизвикуваат сериозно и потенцијално неповратно оштетување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.
Со други зборови, ова не е нов проблем. Ново е што УНЕСКО повеќе не верува дека препораките сами по себе ќе бидат доволни.
Најтешката реченица во документот
Во извештајот постои една реченица која тежи повеќе од сите политички реакции заедно.
Комитетот оценува дека деградацијата на исклучителната универзална вредност продолжува и дека заканите ги исполнуваат критериумите за впишување на Листата на светско наследство во опасност.
Тоа значи дека според највисокото меѓународно тело за заштита на наследството, проблемот повеќе не е потенцијален. Тој е реален.
Од дивоградби до отпадни води – списокот останува ист
Особено поразително е што причините поради кои Охрид е доведен во оваа состојба речиси воопшто не се смениле во последната деценија.
УНЕСКО повторно ги нотира нелегалната градба, неконтролираната урбанизација, инфраструктурните проекти без доволни процени на влијанието, загадувањето на езерото, недоволното управување со отпадните води, слабата прекугранична координација меѓу Северна Македонија и Албанија и отсуството на стратешка еколошка процена.
Практично, светската организација повторува исти забелешки што ги испраќа уште од 2017 година.

„Листа во опасност“ – Граѓанските организации одамна го бараат токму тоа
Во јавноста често се создава впечаток дека впишувањето на Листата во опасност автоматски значи губење на статусот на светско наследство.
Иако не е така, оваа листа претставува последен механизам преку кој државите добиваат можност, под засилен меѓународен надзор, да преземат корективни мерки и да го спасат локалитетот. УНЕСКО токму затоа бара Северна Македонија и Албанија да подготват заеднички план со конкретни активности, рокови и мерливи цели за подобрување на состојбата.
Парадоксално, впишувањето на Листата во опасност може да биде последната шанса Охрид навистина да биде спасен.
Голем дел од еколошките и граѓанските организации сметаат дека тоа е неопходен чекор.
Според нив, долгогодишното игнорирање на препораките покажува дека без силен меѓународен притисок нема да има суштински промени. Затоа тие бараат УНЕСКО конечно да го активира механизмот што треба да обезбеди реална заштита на Охридскиот Регион.

Прашањето веќе не е дали УНЕСКО ќе реагира
До 22 јули остануваат уште неколку дена до конечната одлука на Комитетот во Бусан.
Дали Охрид ќе биде ставен на Листата во опасност Прашањето е како државата дозволи да дојде до момент во кој најстариот и единствен локалитет на Северна Македонија на Листата на светско наследство повеќе не се разгледува како пример за успешна заштита, туку како пример за долготрајно институционално неисполнување на обврските.
Ако Комитетот ја потврди препораката, тоа нема да биде дипломатски инцидент. Ќе биде официјален документ дека меѓународната заедница повеќе не верува дека Охрид може да се зачува без засилен надзор. И тоа е најтешката порака што УНЕСКО ѝ ја испратило на Македонија досега.
