Бургас е избран за град-домаќин на 71. издание на „Евровизија“, кое ќе се одржи во мај 2027 година. Европската радиодифузна унија и Бугарската национална телевизија денеска официјално потврдија дека бугарскиот црноморски град ја добил трката за домаќинство.
Полуфиналните вечери ќе се одржат на 11 и 13 мај, а големото финале е закажано за 15 мај 2027 година. Сите три вечери ќе се одржат во „Арена Бургас“, најновата голема спортска и забавна сала во земјата, отворена во 2023 година.
Бургас беше избран по постапка во која учествуваа четири бугарски градови. Во завршната фаза негов главен конкурент беше Софија, а претходно во трката беа и Пловдив и Варна. Меѓународна работна група на БНТ и ЕБУ ги оценувала салите, техничките услови, сместувачките капацитети, транспортот, меѓународната поврзаност и организациските можности на кандидатите.
Според ЕБУ, Бургас бил избран поради комбинацијата од соодветна инфраструктура, транспортна поврзаност, хотелски капацитети и подготвеноста на локалната власт целиот град да биде вклучен во евровизиската програма. Софија, Пловдив и Варна сепак ќе бидат дел од придружните активности низ Бугарија.
Ова ќе биде првпат Бугарија да биде домаќин на „Евровизија“. Правото го доби откако Дара победи на годинашниот натпревар во Виена со песната „Bangaranga“, со што ѝ ја донесе првата евровизиска победа на земјата.
Во текот на евровизиската недела во Бургас ќе бидат организирани и „Eurovision Village“, „EuroClub“ и повеќе културни и музички настани, а деталната програма ќе биде објавена дополнително.
