Повеќе од 300 температурни рекорди за месец мај во Франција беа срушени во понеделник, а највисоката температура беше забележана во Сор-Осегор, каде што беа измерени 36,9 степени Целзиусови, што е изедначување на рекордот од 1996 година, објавува BFM TV.
Меѓу најизразените случаи е Роморантен во департманот Лоара-е-Шер, каде што беа измерени 33,8 степени, што претставува највисока мајска температура во последните 105 години мерења. Во Кап де ла Ев беше забележан рекорд од 32,4 степени во 135-годишната историја на мерења, додека во неколку градови на југозапад и запад од Франција, температурите надминаа 35 степени.
Во меѓувреме, францускиот премиер Себастијан Лекурни најави состанок на меѓуминистерскиот кризен штаб за четврток, на кој ќе се разгледа подготвеноста на државните служби за сегашниот топлотен бран, вклучувајќи ја заштитата на населението, состојбата на водните ресурси и ризикот од пожар. На состанокот ќе учествуваат министрите за внатрешни работи, здравство, правда, екологија, образование и локална самоуправа.
Француската министерка за здравство, Стефани Риш, предупреди дека претпазливоста и одговорното однесување се неопходни во периоди на екстремна топлина, наведувајќи дека неодамнешните смртни случаи за време на спортски активности се дополнителен аларм. Таа апелираше до граѓаните да применуваат основни мерки за заштита, вклучувајќи хидратација и прилагодување на физичките активности на временските услови.
Како што претходно објави француската метеоролошка служба Метео Франс, Франција беше погодена од најраниот топлотен бран по повеќе од еден век, со температури до 15 степени над просекот за ова време од годината, додека департманот Финистер беше ставен во жолт аларм за прв пат од воспоставувањето на системот за предупредување во 2004 година поради топлината во мај.
Како што пишува Фигаро, предупредувањето е проширено на 18 департмани во западниот дел на Франција и областа на Париз, додека осум департмани денес се под портокалов временски аларм поради екстремни температури. Според „Метео Франс“, топлотен бран се јавува кога националната просечна температура во текот на три дена е најмалку 23,4 степени Целзиусови, при што најмалку еден ден е со температура од 25,3 степени или повисока. Метеорологот на „Шен Метео“, Сирил Вест, рече дека тоа е „најраниот топлотен бран некогаш забележан во повеќе од еден век“.
Тој објасни дека причината за сегашниот бран на топол воздух е пенетрацијата на топол воздух од Сахара преку Медитеранот до Европа, каде што го држи силен антициклон над земјите од Бенелукс и Северното Море. Експертите предупредуваат дека сè почестите и интензивни топлотни бранови се директна последица од глобалното затоплување.
Според метеоролозите, сегашната „топлотна купола“ над Европа би можела да трае барем до следниот викенд.
Како што покажува графиката, Македонија е во безбедната зона од овој топлотен удар, задно со уште неколку земји од регионот претежно на југот и истокот.
