Ова се најдобрите места за патување за 2027

Lonely Planet ја објави својата годишна листа „Best in Travel 2027“, со 50 препораки за следната година – 25 дестинации што вреди да се посетат и уште 25 искуства што, според нивните уредници и автори, треба да се најдат на листата на патниците.

Овогодишниот избор покажува јасен тренд – помалку гужви, повеќе локално искуство и места што сè уште не се претвориле во масовни туристички центри. На листата има и познати региони, но и дестинации што досега ретко се појавуваа меѓу најпопуларните светски препораки.

Меѓу нив е Монсерат, карипски остров со црни вулкански плажи и планински пејзажи, како и американската сојузна држава Мериленд, која Lonely Planet ја издвојува по природата, крајбрежјето и морската храна. Во Канада меѓу препораките се Квебек и Островот Принц Едвард.

Во Азија, меѓу дестинациите за 2027 се Ченгду во Кина – познат по пандите, чајџилниците и гастрономијата, Окинава во Јапонија, Гуџарат во Индија и Дананг во Виетнам. Lonely Planet го издвојува Ченгду како место за панди и „лесен начин на живот“, додека Окинава се препорачува поради нејзината суптропска островска култура и различноста во однос на остатокот од Јапонија.

Изненадување на листата се и Малдивите, но не преку вообичаените луксузни ресорти. Избран е Фулиду – остров што нуди полокално и поевтино искуство од класичната туристичка слика за Малдивите.

Во Африка се најдоа националните паркови Цаво Исток и Цаво Запад во Кенија, како и Рабат во Мароко. Цаво се препорачува како сафари-дестинација со огромни пространства и помалку туристи, додека мароканската престолнина се издвојува како поспокојна алтернатива на многу попосетениот Маракеш.

За патниците од Македонија особено интересна е препораката за Шибеник. Хрватскиот град е меѓу изборот за 2027 година како јадранска дестинација со значително помали гужви од Дубровник и Сплит. Lonely Planet ги издвојува стариот град, тврдините, гастрономската понуда и близината до Националниот парк Крка.

Шибеник има и две локации под заштита на УНЕСКО – катедралата „Св. Јаков“ и тврдината „Св. Никола“. Според Lonely Planet, токму комбинацијата од историско јадро, Јадранско Море и помал туристички притисок му дава предност пред попознатите хрватски летувалишта.

Европскиот дел од листата го дополнуваат Венето во Италија, Десау во Германија, Леон во Шпанија и шведскиот регион Сканер-Фалстербо. Во изборот има и далечни дестинации како Нова Каледонија, регионот Твид во Австралија и Данидин и Ваитаке во Нов Зеланд.

25-те дестинации што ги издвојува Lonely Planet се:

  • Квебек, Канада
  • Северното крајбрежје на Калифорнија и парковите со секвои, САД
  • Мериленд, САД
  • Островот Принц Едвард, Канада
  • Ново Мексико, САД
  • Венето, Италија
  • Десау, Германија
  • Сканер-Фалстербо, Шведска
  • Шибеник, Хрватска
  • Леон, Шпанија
  • Монсерат
  • Барилоче и околните езера, Аргентина
  • Гранада, Никарагва
  • Бокас дел Торо, Панама
  • Оман
  • Рабат, Мароко
  • Цаво Исток и Цаво Запад, Кенија
  • Данидин и Ваитаке, Нов Зеланд
  • Твид, Австралија
  • Нова Каледонија
  • Окинава, Јапонија
  • Ченгду, Кина
  • Гуџарат, Индија
  • Дананг, Виетнам
  • Фулиду, Малдиви

Lonely Planet наведува дека изборот е составен врз основа на искуствата на неговите автори, уредници и глобалната туристичка заедница, со фокус на места што нудат нешто различно од стандардните масовни рути. Изданието „Best in Travel 2027“ е објавено во септември и содржи вкупно 25 дестинации и 25 посебни патувачки искуства.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?