Англискиот рок-музичар Роџер Вотерс (Пинк Флојд), американскиот рапер Меклмор и британскиот бенд Massive Attack, заедно со над илјада музичари и културни личности, повикаа на бојкот на Евровизискиот натпревар поради политиките на Израел кон Палестинците. 70-тиот Евровизиски натпревар ќе се одржи во Виена во мај.
Музичарите повикуваат на бојкот на настанот сè додека Европската радиодифузна унија (EBU) не го отстрани израелскиот учесник.
„Се очекува милиони луѓе да го гледаат 70-тиот Евровизиски натпревар. Трета година по ред, тие ќе го видат Израел како се слави на сцената и покрај геноцидот во Газа, додека Русија останува суспендирана поради нејзината нелегална инвазија на Украина. Ние се солидаризираме со повиците на палестинските јавни медиуми, изведувачи, организатори на настани, технички тимови и обожаватели да ја бојкотираат Евровизија сè додека EBU не го исклучи израелскиот јавен радиодифузен сервис KAN, кој е соучесник“, се наведува во отвореното писмо.
Потписниците нагласуваат дека Евровизија не смее да се користи за нормализирање на геноцидот, опсадата и воената окупација на Палестинците. Тие ја поздравуваат одлуката на јавните медиуми од Шпанија, Ирска, Исланд, Словенија и Холандија да се повлечат, како и уметниците кои одбија да учествуваат во нивните национални избори. Во писмото, исто така, се наведува дека израелскиот претседател Јицак Херцог, кој е меѓу обвинетите од Меѓународниот суд на правдата за поттикнување на геноцид, лобира Израел да не биде исклучен од натпреварот.
„Како може кој било учесник или обожавател на Евровизија со чиста совест да учествува на следното издание во Австрија, додека САД и Израел планираат строго контролирани кампови во „Нова Газа“? „Постојат моменти кога тишината не е опција“, додадоа авторите.
Тие велат дека одбиваат да молчат додека децата во израелските затвори се тепани затоа што пеат песни, а културната и образовната инфраструктура во Газа е во урнатини. Отвореното писмо го потпишаа и поранешните победници на Евровизија, Емели де Форест од Данска и Чарли Мекгетиган од Ирска.