Во пресрет на најинтензивниот дел од летната туристичка сезона, системот „Безбеден град“ во охридскиот регион влегува во завршна фаза на подготовка. Деновиве беа извршени технички тестирања на камерите кај населбата Рача, на пат кон плажите и Св. Наум и на влезот во Охрид од правецот на Битола, а од СВР Охрид најавуваат дека тие наскоро ќе бидат ставени во целосна функција.
Оваа информација е особено важна за илјадниците домашни и странски туристи кои во јули и август секојдневно пристигнуваат во Охрид, како и за жителите на градот, бидејќи токму овие сообраќајни правци се меѓу најфреквентните во текот на летото.
Според портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, техничките проверки на камерите на овие две локации се завршени, а по оценките и препораките на стручните тимови се очекува нивно активно вклучување во системот „Безбеден град“. Паралелно се проверува и останатата опрема поставена низ Охрид и Струга.
Целта е целиот систем да биде целосно оперативен пред кулминацијата на туристичката сезона, кога сообраќајниот метеж на влезовите во градот и кон плажите е најголем.
Според информациите од полицијата, на подрачјето што го покрива СВР Охрид се поставени околу 40 современи камери. Тие се распоредени на главните влезови и излези од градот, на патните правци кон Битола, Скопје, Кичево и Свети Наум, како и на најфреквентните градски булевари и делниците што водат кон туристичките населби и плажи.
Системот е наменет за автоматско следење на сообраќајот, откривање прекршоци и подобрување на безбедноста на патиштата. Од полицијата нагласуваат дека неговата основна цел е да се намали бројот на сообраќајни незгоди, особено оние со потешки последици, како и да се поттикне поголема сообраќајна дисциплина кај возачите.
За возачите тоа значи дека со активирањето на системот ќе биде неопходно доследно почитување на ограничувањата на брзината, сообраќајната сигнализација и останатите правила на патиштата. Иако досегашниот период беше искористен за техничко тестирање без автоматско санкционирање, полицијата најавува дека по завршувањето на сите проверки системот ќе започне со редовно функционирање.
Со оглед дека Охрид во летните месеци прима десетици илјади посетители, функционирањето на „Безбеден град“ ќе биде еден од клучните механизми за управување со зголемениот сообраќаен притисок и за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
