Македонските училишта во новата учебна година ќе имаат околу 300 паралелки помалку, од кои 200 во основното и 100 во средното образование. Истовремено, 26 рурални училишта се очекува природно да бидат затворени бидејќи годинава во нив нема запишани првачиња.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска соопшти дека во учебната 2026/2027 досега се запишани околу 14.500 првачиња. Бројката сè уште не е конечна бидејќи уписите продолжуваат до крајот на септември за децата кои не биле запишани во редовниот рок.
Податоците повторно го отвораат проблемот со намалувањето на бројот на деца во земјата. Генерацијата која годинава треба да тргне во прво одделение главно ја сочинуваат децата родени во 2020 година. Според Државниот завод за статистика, таа година во Македонија имало 19.031 живородено дете.
Тоа не значи дека разликата од околу 4.500 деца автоматски претставува деца кои недостигаат од образовниот систем. Врз бројката влијаат иселувањето, децата кои живеат и се школуваат во странство, различното време на започнување на образованието и уписите што сè уште не се завршени. Сепак, трендот на намалување на ученичката популација веќе директно ја менува училишната мрежа.
Јаневска објасни дека намалувањето на бројот на паралелки е дел и од процесот на оптимизација на училиштата, особено во средини каде има многу мал број ученици.
„Во моментот имаме околу 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование“, рече Јаневска.
Според неа, целта е учениците да добијат подобри услови за социјализација и поквалитетна настава, наместо да остануваат во училишта со само неколку деца или во комбинирани паралелки во кои заедно учат ученици од повеќе одделенија.
МОН очекува годинава природно да престанат со работа 26 рурални училишта во кои нема запишани првачиња, а во дел од нив досега учеле меѓу пет и осум ученици.
Министерката посочи дека комбинираните паралелки ќе останат таму каде што нема реална алтернатива, односно кога најблиското централно училиште е оддалечено 15 до 20 километри.
„Ако имаме централно училиште во кое има 200 деца, а на 2,5 километри училиште во кое има 18 деца, нема логика да ги чуваме овие 18 деца заробени во тоа училиште“, рече Јаневска.
Намалувањето на паралелките засега нема да значи отпуштање на наставници вработени на неопределено време. Според Јаневска, ниту еден таков наставник во моментот не останал без работа, а во дел од скопските општини, меѓу кои Аеродром, дури има недостиг од кадар и се очекуваат нови вработувања.
МОН планира дел од расположливиот наставен кадар да се користи за проширување на целодневната настава. Во паралелка со околу 20 ученици би можеле да работат две одделенски наставнички во различни делови од денот, а учениците да остануваат во училиштето до 16 часот.
Јаневска денеска информираше и дека учебниците за новата учебна година се дистрибуирани до училиштата. Според неа, системот за пријавување и замена на оштетени учебници е подобрен, иако не исклучува по почетокот на наставата да има поединечни проблеми.

