Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Агелер со честитки за Шекеринска и Мицкоски

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Ангела Агелер, го поздрави изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, истакнувајќи ја нејзината компетентност и значењето на оваа позиција за земјата. Во својата изјава, Агелер ја пофали и поддршката од премиерот Христијан Мицкоски и неговата Влада за кандидатурата на Шекеринска, оценувајќи ја како позитивен чекор за Северна Македонија.

„Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик генерален секретар на НАТО, и на Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и за улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД,“ напиша Агелер.

Честитки за Шекеринска пристигнаа и од домашната политичка сцена.

„Ова именување е значајна победа за Северна Македонија, која ја потврдува нашата улога во меѓународната безбедносна архитектура. Честитки за ова големо признание,“ напиша Оливер Спасовски.

Димитар Ковачевски, поранешен премиер и лидер на СДСМ, исто така ѝ честиташе на Шекеринска, истакнувајќи ја важноста на оваа функција:

„Назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО е голем успех за неа, но и за нашата земја. Ова е признание за нејзините квалитети, искуство и посветеност на евроатлантските интеграции,“ напиша Ковачевски на Фејсбук.

Изборот на Шекеринска за високата позиција во НАТО се гледа како значаен чекор за унапредување на меѓународниот углед на Северна Македонија и потврда на нејзината активна улога во Алијансата.

Зачлени се на нашиот е-билтен