Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица за злоупотреби поврзани со работењето на Лотаријата. Сите осуммина се обвинети како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Обвинителството, со дејствијата преземени во текот на 2023 и 2024 година на „Државна лотарија“ ѝ била нанесена штета од 507.632.173 денари. Обвинителството тврди дека обвинетите ги пречекориле своите овластувања при постапката за самостојно приредување електронски игри на среќа и набавката на видеолотариски терминали.
Според обвинението, „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува вакви електронски игри, бидејќи тоа право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог во заедничкото друштво со „Касинос Австрија“, за што Лотаријата добила 51 процент од основната главнина.
Обвинителството наведува дека тогашниот директор Перпарим Бајрами доставил информација до Владата за почнување активности за самостојно приредување електронски игри. Потоа точката била ставена на владина седница, а второобвинетиот, кој според обвинението имал реално влијание врз раководењето со „Државна лотарија“, претседавал со седницата и предложил таа да биде усвоена, иако одлуката, според ОЈО, не била во надлежност на Владата во својство на собрание на акционерското друштво.
По усвојувањето на информацијата, „Државна лотарија“ била задолжена да почне со активности за самостојно приредување електронски игри и да спроведе јавна набавка за видеолотариски терминали. Обвинителството тврди дека и членовите на Надзорниот одбор знаеле дека законската процедура не е испочитувана, но сепак ја одобриле набавката.
За Груби Обвинителството побара продолжување на куќниот притвор, како и продолжување на мерката со која му е одземена патната исправа и му е забрането издавање нов документ за преминување на границата.
За Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот, е побаран 30-дневен притвор кој би почнал да се применува по неговото пронаоѓање. За останатите обвинети се предложени мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување во Судот, одземање на патните исправи и забрана за контакти со определени лица.
Обвинението доаѓа само неколку дена пред истекот на рокот по кој, доколку немаше обвинителска одлука, можеше да се отвори прашањето за укинување на куќниот притвор на Груби. Тој во февруари годинава се врати во Македонија по повеќе од една година помината надвор од земјата и по враќањето прво беше приведен, а потоа му беше определен куќен притвор.
