Последното обраќање на поранешниот премиер Никола Груевски од Будимпешта, иако формално насочено кон одбрана од, како што тврди, „политички прогон“, отвори низа дилеми во јавноста за вистинските мотиви и тонот на неговата порака. Наместо досегашната вообичаена политичка реторика „од високо“, вниманието го привлече интензитетот на нападите и обемот на аргументацијата, што дел од аналитичарите го читаат како индикатор за зголемена нервоза во пресрет на нови околности поврзани со неговиот правен статус.
Овој впечаток се засилува во контекст на најавите од македонските власти дека се подготвува детална документација за можна екстрадиција. Министерството за правда веќе сигнализираше дека внимателно ги следи политичките и правните услови во Унгарија, што се толкува како обид за реактивирање на процес кој со години беше практично замрзнат.
За Груевски, пак, кој доби азил во Унгарија во време на владата на Виктор Орбан, ваквите сигнали претставуваат потенцијална промена на безбедносната рамка во која досега се одвиваше неговиот престој.
Дополнителен фактор што ја подгрева оваа перцепција е политичката динамика во Будимпешта. Изјавите на Петер Маѓар, идниот премиер, кој најавува поинаков пристап кон владеењето на правото и јавно порача дека Унгарија „нема да биде депо за криминалци“, се толкуваат како индиректен сигнал дека политичката заштита што Груевски ја уживаше може да биде доведена во прашање. Иако овие најави сè уште не се преточени во конкретни институционални чекори, тие ја менуваат перцепцијата за сигурноста на неговиот статус во земјата.
Во таков амбиент, обидот на Груевски да го пренасочи фокусот кон наводните неправилности во судските постапки против него може да се чита и како стратегија за предвремена делегитимација на евентуален нов правен процес.
Тоа на искусен „паталец“, ама и манипулант, каков што е Груевски, очигледно му е вроден инстикт.
Неговите тврдења за политички притисоци, монтирани случаи и злоупотреба на институциите не се нови, но нивното повторување со засилен интензитет во момент кога се отвора прашањето за екстрадиција, остава простор за толкување дека станува збор и за дефанзивна комуникациска офанзива.
Надвор од ова негово најново обраќање, посебно внимание привлекуваат и шпекулациите околу неговиот статус во Унгарија, односно дали поседува унгарско државјанство. Иако во јавноста периодично се појавуваат информации дека тој обезбедил дополнителна правна заштита преку пасош, официјална потврда за тоа нема. Токму оваа неизвесност ја засилува тезата дека неговата позиција не е толку стабилна како што изгледаше во изминатите години, особено ако се земе предвид дека евентуална промена на политичката волја во Унгарија би можела да ја отвори вратата за поинаков третман на неговиот случај.
Кога го велиме ова, на ум ја имаме и неговата прва објава на Фејсбук, на 12 април, кога веќе беше јасно дека Орбан заминува во историја. Тогаш Груевски, пишувајќи за внатрешниот мир, поттикнат од Велигден, кој се совпадна како ден со изборите во Унгарија, го наведеле следново:
„Во реален живот тоа значи да си целосно себе-осознаен, стабилен и зрел, да имаш јасно сознание во вредностите во кои веруваш, да можеш да носиш одлуки без страв и паника, и да останеш стабилен кога условите се менуваат.“
Е, да, условите се променети, а носењето одлуки без страв и паника, не е баш така лесно.
Анализирано во поширок контекст, реториката на Груевски се вклопува во модел познат од политичката комуникација на поранешни функционери со судски товар – префрлање на фокусот од конкретните пресуди кон наратив за системска неправда. Но, она што ја прави актуелната ситуација поразлична е променливата геополитичка и домашна сцена, каде што факторите надвор од неговата директна контрола стануваат сè поодлучувачки.
Оттука, прашањето што се наметнува не е само дали неговите тврдења ќе најдат нов одек, туку дали зад засилената реторика се крие свесност дека времето на релативна сигурност во егзил можеби се приближува кон својот крај. Во таа смисла, старата изрека дека „правдата е бавна, но достижна“ повторно се актуализира во јавниот дискурс, отворајќи дилема дали политичкото бегство може да обезбеди трајно засолниште или само привремено одложување на соочувањето со правниот систем.