ФК Ускуп од Македонија го тужи турскиот фудбалски гигант Бешикташ: „Ни го украдоа дизајнот на дресот“

Ускуп

Фудбалскиот клуб Ускуп, од четвртата македонска фудбалска лига, покрена судска постапка против турскиот гигант Бешикташ, обвинувајќи го за копирање и неовластено користење на дизајн на дрес инспириран од ликот и стилот на Мустафа Кемал Ататурк.

Според информациите објавени во српските медиуми, клубот Ускуп тврди дека спорниот дизајн е нивно авторско решение, кое веќе било препознатливо меѓу нивните навивачи и пошироката јавност. Од „Ускуп“ наведуваат дека дресот е инспириран од препознатливиот џемпер на Ататурк и дека станува збор за регистриран дизајн, кој, како што велат, бил искористен без нивно знаење, одобрение или дозвола.

Тужбата, како што се наведува, не е насочена само кон клубот, туку и кон компанијата задолжена за продажба на официјалната опрема на „Бешикташ“, со образложение дека дресот веќе бил произведен и пуштен во продажба.

Од „Ускуп“ посочуваат дека случајот има и економска димензија, бидејќи, според нив, ваквиот дизајн претставува значаен извор на приходи за клубот, а неговото преземање од поголем и финансиски помоќен клуб директно влијае врз нивната работа. Воедно, од таму најавуваат дека ќе истраат во правната постапка до крај, а дел од евентуалната отштета планираат да ја донираат во хуманитарни цели.

Случајот веќе предизвика реакции и на социјалните мрежи, каде дел од јавноста го оспорува тврдењето за идентичност на дизајнот, нагласувајќи дека станува збор за инспирација, а не за директно копирање. Сепак, правната разрешница на спорот допрва се очекува.

Зачлени се на нашиот е-билтен