Њујорк Тајмс за Гоце Делчев во 1903: Македонскиот лидер е мртов

Делчев

Смртта на Гоце Делчев на 4 мај 1903 година кај селото Баница, како трагедија за македонското револуционерно движење, одекна и далеку надвор од границите на тогашното Османлиско Царство. Во време кога вестите се пренесувале преку телеграми и странски дописници, убиството на Делчев станало тема на стотици весници ширум Европа, па дури и во САД, што јасно сведочи за неговото влијание и значење во борбата за слобода на македонскиот народ.

Според историските истражувања, во мај и јуни 1903 година за смртта на Делчев известувале повеќе од сто весници од Велика Британија, Франција, Германија, Австро-Унгарија, Русија, па сè до Австралија и Нов Зеланд.  

Овој широк медиумски одглас не бил случаен. Делчев веќе бил препознаен како еден од најзначајните организатори и идеолози на македонското револуционерно движење, чија борба против османлиската власт го привлекувала вниманието на европската јавност.

Странскиот печат најчесто ја пренесувал веста преку телеграфски извештаи од регионот, опишувајќи ја неговата смрт како удар врз револуционерната организација. Делчев бил претставуван како водач на „македонските комити“, човек кој изградил широка мрежа на отпор и кој играл клучна улога во подготовките за претстојното востание. Неговата смрт, според тогашните извештаи, значела загуба на најсилниот организатор токму во пресрет на историските настани што ќе кулминираат со Илинденското востание.

Њујорк Тајмс: „Предаден од грчки шпион“

Особено впечатливо е што за неговото убиство известувал и еден од највлијателните светски весници – The New York Times. Во изданието од 26 мај 1903 година, весникот објавил текст во кој Делчев е опишан како „македонски лидер“, а неговата смрт е претставена како резултат на заседа на османлиските сили.

Весникот напиша дека бил „предаден од грчки шпион“, што може да биде разбирливо ако се знае дека дописникот на американскиот весник бил Бугарин.

И во некои други извештаите се споменува предавството како причина за неговото откривање, што дополнително ја драматизирало приказната и ја зголемило нејзината привлечност за меѓународната јавност.

Фактот што американскиот печат, илјадници километри далеку од Балканот, ја пренел веста за Делчев, говори за тоа дека македонското прашање веќе било дел од глобалниот политички дискурс. Во контекст на тогашните геополитички тензии и интересот на големите сили за Балканот, секој настан поврзан со револуционерното движење бил внимателно следен, а ликот на Делчев станал симбол на борбата за слобода.

Европски весници: Делчев, лик на отпорот на Македонците

Во европските весници, неговата смрт често била поврзувана со пошироките немири и насилства во Македонија под османлиска власт, при што Делчев бил претставуван како централен лик на отпорот. Неговата харизма, организациски способности и визија за слободна Македонија го издигнале над рамките на локален револуционер и го направиле фигура од меѓународен интерес.

Денес, повеќе од еден век подоцна, овие сведоштва од странскиот печат не се само историски извори, туку и потврда за големината на Делчев. Тие покажуваат дека неговата борба не била незабележана и дека идејата за слобода и државност на македонскиот народ имала одглас и надвор од Балканот.

Смртта на Гоце Делчев, иако трагична, го зацврстила неговото место во историјата, не само како револуционер, туку како симбол на една борба што го привлекла вниманието на целиот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен