Чешка нуди помош за спорот со Бугарија: Прашањето веќе е европско

Чешка е подготвена да помогне во барањето решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија, изјави чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка по средбата со министерот Тимчо Муцунски во Охрид. Според него, прашањето веќе не е само билатерално, туку е дел од поширокиот европски процес.

„Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање“, рече Мацинка.

Тој оцени дека Европската Унија има силен интерес за продолжување на проширувањето и дека треба да го вреднува досегашниот напредок на Македонија, како и отстапките што земјата ги направила во процесот на евроинтеграциите.

Мацинка нагласи дека Чешка не се залага за укинување на едногласноста при одлучувањето во ЕУ и смета дека решението треба да се бара преку консензус меѓу земјите членки.

Чешкиот министер најави дека Прага е подготвена активно да се вклучи во разговорите, посочувајќи дека Чешка има добри односи и со Македонија и со Бугарија.

Тој откри и дека чешкиот премиер Андреј Бабиш во следните три недели планира посета на Софија, при што спорот меѓу Скопје и Софија би можел да биде една од темите на разговор.

Според Мацинка, целта треба да биде надминување на спорните прашања и постигнување решение прифатливо за двете страни.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?