Четири лица починале од западнонилска треска во Македонија, а заклучно со 18 август се регистрирани вкупно 38 случаи, од кои 36 се потврдени и два се водат како веројатни, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.
Од заболените, 37 се од скопскиот регион, а еден од Велес. Починатите се мажи на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Кај тројца од нив биле регистрирани и други заболувања.
Само во последната недела, од 12 до 18 август, регистрирани се 12 нови случаи и три нови смртни исходи. Од вкупно 38 заболени, 28 се мажи, а 10 се жени.
Поради зголемениот број заболени, продолжуваат засилените мерки за уништување на комарците во Скопје и во повеќе околни општини. Се спроведува авионска и терестичка дезинсекција, како и дополнителни третмани на стоечки водени површини.
Здравствените власти почнаа и СМС-кампања преку која треба да бидат испратени околу 38.500 пораки со препораки за заштита од убоди од комарци до граѓаните во засегнатите подрачја.
Од ИЈЗ препорачуваат отстранување на стоечката вода околу домовите, користење заштитни мрежи и репеленти и избегнување подолг престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни.
На 27 јули во земјава имаше само осум регистрирани случаи, седум потврдени и еден веројатен, што покажува значително зголемување на бројот на заболени во изминатите три недели.
