На Клиниката за инфективни болести досега биле хоспитализирани околу 60 пациенти со невроинвазивна форма, додека илјадници заразени веројатно го поминале вирусот без симптоми.
Само околу еден процент од заразените со западнонилска треска развиваат тешка невроинвазивна форма, но ризикот значително се зголемува кај повозрасните лица и пациентите со хронични заболувања. Ова го истакна директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, во гостувањето во емисијата „Аргумент плус“, каде што ја објасни актуелната епидемиолошка состојба во Македонија.
Според Цана, околу 80 проценти од инфицираните немаат симптоми или инфекцијата ја поминуваат речиси незабележливо. Кај приближно 20 проценти се јавуваат лесни или умерени симптоми, додека само еден процент развиваат воспаление на мозокот или на мозочните обвивки.
Токму овие најтешки пациенти се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, поради што болничката статистика не ја прикажува целосната слика за ширењето на вирусот. Досега биле хоспитализирани околу 60 пациенти со невроинвазивна форма, што, според Цана, укажува дека во скопскиот регион веројатно имало илјадници инфекции кои поминале без потешки симптоми.
Во моментот на клиниката се лекуваат осум пациенти, од кои двајца се во потешка состојба, на интензивна нега и со механичка вентилација. Во земјава досега се регистрирани и осум смртни случаи поврзани со инфекцијата.
Возраста е еден од најважните фактори што го определуваат текот на болеста. Повозрасните лица, пациентите со хронични заболувања и луѓето со ослабен имунитет имаат поголем ризик да развијат тешка клиничка слика. Кај младите и лицата со добар имунолошки статус инфекцијата најчесто поминува полесно.
За западнонилската треска не постои специфичен антивирусен лек, ниту во Македонија ниту во светот. Терапијата е симптоматска и супортивна, а кај најтешките пациенти се применува и респираторна поддршка.
Инкубацијата по каснувањето од заразен комарец трае од три до 14 дена. Висока температура, силна главоболка, закочен врат, дезориентација и нарушување на свеста се симптоми поради кои треба веднаш да се побара лекарска помош. Кај сомнителните случаи дијагнозата се потврдува со анализа на цереброспиналната течност добиена преку лумбална пункција.
Закрепнувањето по тешката форма може да трае со недели, месеци, а кај дел од пациентите и до една година. По акутната фаза може да останат замор, мускулна слабост и невролошки тегоби, поради што во третманот се вклучуваат невролози, физијатри и матични лекари. Цана појасни дека овие тегоби не значат повторна инфекција или хронична болест, туку се последици од тешкиот удар на вирусот врз организмот.
Западнонилскиот вирус годинава циркулира во повеќе од 15 европски земји, а меѓу позасегнатите се Италија, Грција, Франција, Романија, Србија и Македонија. Потоплите лета и климатските промени создаваат поповолни услови за размножување на комарците и за ширење на инфекцијата.
Според Цана, бранот постепено стивнува, чему придонеле дезинсекцијата и приближувањето на крајот на летната сезона. Сепак, активноста на комарците може да продолжи до октомври, а при потопло време и во текот на ноември.

