Аеропрскањето не е доволно за справување со тигрестиот комарец, а во услови на зголемена активност на комарците потребна е локална дезинсекција од земја, вели епидемиологот Драган Даниловски. Неговата реакција доаѓа откако во повеќе делови од Скопје беше прогласена епидемија на западнонилска треска.
Според Даниловски, климатските промени, подолгите лета и почестите топлотни бранови создаваат услови во кои комарците полесно се размножуваат и подолго остануваат активни.
Тој вели дека дополнителен сигнал за сериозноста на состојбата е тоа што случаите на западнонилска треска регистрирани во земјава се автохтони, односно инфекцијата се пренесува локално, а не е само внесена од странство.
Даниловски ја критикува досегашната практика во дезинсекцијата, особено потпирањето на прскање од воздух.
„Во ситуација кога имаме тигрести комарци сè повеќе, аеропрскањето не значи ништо. Тие се лоши летачи, тие се при дното на тлото, во разни грмушки“, објаснува Даниловски, додавајќи дека во такви услови поефикасна е терестричната, односно локалната дезинсекција.
Според него, мерките што сега се преземаат веќе не се класична превенција, туку противепидемиска реакција, бидејќи вирусот веќе циркулира на територијата на земјата.
Центарот за јавно здравје – Скопје прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини и населби, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери. Надлежните порачаа дека нема простор за паника, но побараа поголема лична заштита од убоди од комарци.
Сепак, важно е да се направи разлика меѓу видовите комарци. Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека главни преносители на западнонилскиот вирус во Европа се комарците од родот Culex, особено Culex pipiens и Culex modestus. Тигрестиот комарец, Aedes albopictus, може да го пренесува вирусот во лабораториски услови, но се смета дека има многу помала улога во неговото ширење меѓу луѓето.
Светската здравствена организација препорачува интегрирана контрола на комарците, која покрај третманите вклучува и отстранување места со застоена вода, управување со потенцијалните легла и лична заштита од убоди.
