Денес почнува судењето на Артан Груби за „Државна лотарија“

Најчевска

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да почне судењето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум лица обвинети за злоупотреби во случајот „Државна лотарија“. Предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Доколку рочиштето не биде одложено, судењето треба да почне со воведни зборови на јавниот обвинител, кој ќе ги образложи делата што им се ставаат на товар на обвинетите. Потоа тие треба да се произнесат дали се чувствуваат виновни, а воведни зборови ќе имаат и нивните адвокати.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против вкупно осум лица како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението, тие во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле своите овластувања и со тоа, според Обвинителството, на „Државна лотарија“ ѝ нанеле штета од 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.

Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, кој сè уште е во бегство и по него се трага со меѓународна потерница. Артан Груби е второобвинет и во моментов се наоѓа во куќен притвор.

Меѓу обвинетите е и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски.

Според Обвинителството, спорните дејствија се поврзани со набавката на видеолотариски терминали. Обвинителството тврди дека „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку вакви терминали, бидејќи тоа право претходно било вложено како непаричен влог при формирањето на заедничкото друштво со „Касинос Австрија“.

Во првичната истрага Груби беше осомничен за проневера во службата, кривично дело за кое, во случај на значителна имотна корист, е предвидена казна од најмалку четири до 20 години затвор. Во обвинението, сепак, правната квалификација е сменета и сите осуммина се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување, за што во конкретната квалификација максималната казна е пет години затвор.

Од ОЈО Скопје промената ја образложија со доказите собрани во текот на истрагата.

„Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата“, соопштија од Обвинителството.

Груби повеќе од една година беше недостапен за македонските органи. Во земјата се врати на 23 февруари годинава преку граничниот премин Блаце, по што беше приведен. Наместо претходно определениот затворски притвор, Судот му определи куќен притвор по предлог на Обвинителството, кое се повика на безбедносни проценки на МВР и АНБ.

ДУИ по поднесувањето на обвинението оцени дека постапката против Груби е политички мотивирана и тврдеше дека долгата истрага не ги потврдила првичните обвинувања.

Со денешното рочиште случајот „Државна лотарија“ преминува од истражна во судска фаза, во која Обвинителството ќе треба пред суд да ги докаже наводите од обвинението.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?