Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, повторно ја демонстрира својата нетолеранција кон институциите на Босна и Херцеговина и меѓународната заедница, тврдејќи дека не постои сила што може да го уапси, бидејќи, како што вели, е заштитен од полицијата на РС и елитни специјалци.
Во интервју за швајцарскиот неделник Weltwoche, Додик отиде чекор подалеку, сугерирајќи дека секој обид за негово апсење би се соочил со физички отпор.
„Не би препорачал никому од Сараево да го проба. Ќе се браниме“, изјави Додик, нагласувајќи дека специјалните сили што го чуваат неодамна биле наградени на меѓународен натпревар во Дубаи.
Овие „добро обучени сили“, според него, го сметаат секој правен процес против него како напад врз самата Република Српска. Со тоа, претседателот на РС директно ги поврзува своите лични правни проблеми со политичкиот статус на ентитетот – стратегија што со години ја користи за да ја замагли границата меѓу поединец и институција.
Во стил што повеќе наликува на автократски лидер отколку на демократски избран претставник, Додик тврди дека нема намера да дозволи Федерацијата БиХ да има влијание врз РС, притоа отворено поздравувајќи го, како што го нарече, „потегот на Западот“ да се направи јасна линија меѓу РС и муслиманите.
„Секој обид на Федерацијата Босна и Херцеговина да се приближи кон Република Српска би бил осуден на неуспех“, рече Додик.
Тој повторно се повика на Дејтонскиот договор, истакнувајќи дека оружаните сили на еден ентитет немаат право да дејствуваат на територија на друг, иако токму Додик е често обвинуван дека го крши духот, ако не и буквата на Дејтонскиот мировен договор.
Со вакви изјави, Додик продолжува да ја подгрева националната реторика и ја зајакнува сопствената позиција преку милитаризирани пораки, притоа оставајќи малку простор за нормален политички дијалог или почитување на институциите на државата.