Стере: „Авионот на Зеленски за малку ќе беше погоден од дрон“

Фото: X/@ZelenskyyUa

Авионот на Зеленски за малку ќе бил погоден од дрон во вторникот, додека се подготвувал да полета од Молдавија кон Осло, изјави норвешкиот премиер Јонас Гар Стере. Украинскиот претседател патувал во Норвешка за да присуствува на погребот на кралот Харалд Петти.

„Неговиот авион за малку ќе беше погоден од дрон додека се подготвуваше да полета од Молдавија. Тоа е реалноста со која тој се соочува“, изјави Стере за норвешкиот јавен сервис НРК.

Норвешкиот премиер не соопшти од каде ја добил информацијата, колку дронот му се приближил на авионот и дали леталото било директна цел. Молдавските власти засега не ја коментирале неговата изјава за инцидентот.

Аеродромот во Кишињев во вторникот привремено ги запрел полетувањата и слетувањата поради навлегување на два руски дрона во молдавскиот воздушен простор. Дел од летовите биле пренасочени, а други кружеле додека чекале дозвола за слетување.

Според достапните информации, едниот дрон паднал во поле и предизвикал пожар, додека вториот продолжил кон романскиот воздушен простор. Молдавската претседателка Маја Санду ги оцени навлегувањата како сериозна закана за животите на луѓето.

Зеленски пристигна во Осло, каде што присуствуваше на погребот на кралот Харалд Петти, а со Стере разговараше и за зајакнувањето на украинската воздушна одбрана. Дел од разговорите бил посветен и на иницијативата „Фреја“, која предвидува создавање европски систем за одбрана од балистички ракети.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?