Две патеки кон Брисел – Црна Гора пред целта, Македонија во слепа улица

Тажно е кога зборуваме за членството на Македонија во ЕУ, пред нас се исправаат примери за споредба во кои Македонија е секогаш губитник. Иако беше прва од земјите на поранешна Југославија, со исклучок на Словенија, со кандидатски статус за членство во ЕУ, прво се соочивме со успехот на Хрватска, а еве, овие денови и со Црна Гора, а не се исклучува дека истата приказна ќе ни се случи и со Албанија.

Во момент кога Црна Гора влегува во финалната фаза од пристапните преговори со Европска Унија, со започнување на изготвување на Договорот за пристапување, Северна Македонија останува заглавена во политички и дипломатски лавиринт, во кој стратегијата „ќе чекаме ако треба и со децении“ станува предмет на сè погласни критики дури и од кругови блиски до власта.

Разликата меѓу двете земји не е само во темпото на реформите, туку и во политичката филозофија со која се пристапува кон европската интеграција.

Црна Гора веќе ги затвора клучните поглавја и влегува во технички најкомплексната, но политички најјасна фаза – финализирање на пристапниот договор. Тоа е сигнал дека, и покрај сите предизвици, институциите функционираат во насока на усогласување со европското законодавство и дека постои континуитет на стратешката цел: членство во ЕУ во догледна иднина.

Од другата страна, премиерот Христијан Мицкоски, за време на својата посета на Австрија, повторно ја потенцираше тезата дека Македонија е жртва на блокада од Бугарија, но без да понуди нова дипломатска или политичка иницијатива за надминување на спорот. Наместо тоа, доминира реториката на чекање – позиција која сè повеќе се перцепира како пасивност, а не како стратегија.

Оваа позиција не остана без критика. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски јавно оцени дека ставот „ќе чекаме ако треба и со децении“ е погрешен, нагласувајќи дека времето не работи во корист на Македонија. Неговата аргументација е јасна: ако проблемот е во односите со Бугарија, тогаш решението не може да се очекува само од промените во Софија, туку и од иницијативата во Скопје.


Никовски: Позицијата на Мицкоски „ќе чекаме ако треба и со децении“ е погрешна

Нимиц: Лидерството на Заев и Ципрас беше пресудно да се постигне Преспанскиот договор


Историјата дава конкретен пример за ваков пристап. Преспански договор, кој го затвори тридеценискиот спор со Грција, беше резултат на политичка храброст и проактивност, а не на чекање. Улогата на посредникот Метју Нимиц и политичката волја на тогашните лидери Зоран Заев и Алексис Ципрас покажаа дека прозорците на можности во дипломатијата се отвораат ретко и бараат подготвеност за ризик.

Токму тој „моментум“ во 2018 година, кога и во Скопје и во Атина немаше избори и кога на власт беа умерени политички сили, создаде услови за договор. Но уште поважно, како што сведочат самите актери, беше нивната свесна одлука да го жртвуваат политичкиот капитал во име на долгорочен национален интерес.

Денес, таков тип на лидерство недостасува во македонскиот политички дискурс. Наместо иницијатива, доминира одбранбена реторика. Наместо стратегија, одлагање.

Контрастот со Црна Гора е очигледен. Додека Подгорица го капитализира процесот на преговори и се подготвува за членство, Скопје останува во чекалницата на ЕУ. Не поради недостаток на формални услови, туку поради недостаток на политичка волја за нивно исполнување.

Клучното прашање што се наметнува е дали актуелната власт во Македонија препознава дека европската интеграција не е процес што се случува сам по себе, туку резултат на одлуки, често тешки, непопуларни и ризични.

Во спротивно, разликата меѓу членството на Црна Гора и Македонија нема да биде само во датумот на членство, туку во способноста да се дејствува кога историјата нуди можност.

Македонија направи еден договор со историјата. Има ли сила или лидери за следен?

Зачлени се на нашиот е-билтен