Власта да ги повлече законските измени за укинување на Пржинската Влада, којашто е единствен гарант во оваа форма во која што сега важи законот за спроведување на фер и демократски избори. Во спротивно се повлекуваме од работата за изборниот закон од работната група којашто се води Министерството за правда.
Ова го порача на прес конференција пратеникот и претседател на СДСМ Венко Филипче.
„Кажавме повеќепати дека сметаме дека на овој начин, којшто е целосно автократски манир на владеење на оваа власт, и ова не е единствен пример, ова е само еден од примерите, техничката влада не треба и не може да се укине. Таа е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори“, рече Филипче.
Во ситуација, посочи претседателот на СДСМ, кога има целосна контрола на оваа власт врз судството, кога се именуваат партиски послушници за судии и за обвинители, кога премиерот без грам срам од собраниска говорница, од прес-конференции, јавно со своите чувства на некој начин дели наредби на обвинителите и врши притисок врз правосудството, во ситуација кога не се знае како, на кој начин се складираат и ќе се употребуваат или веќе сега се употребуваат податоците од системот Сејф Сити, ова едноставно не смее да се случи.
„Овој манир на владеење е еднаков на манирот на владеење од времето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година. И затоа, доколку денеска овој закон помине на Комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за работа на изборниот закон“, нагласи Венко Филипче.
Затоа, истакна тој, овој Закон за влада и укинување на Пржинската влада мора власта да го повлече.
„Вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме. Да потсетам, тој закон беше донесен за изборите во 2016 година, но на барање на Христијан Мицковски законот беше вратен во 2018 година и така важеше на нивно барање и за парламентарните избори во 2020 година“, потенцираше претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче.