Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги осудува, како што вели, иредентистичките изјави на претседателот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов и бара реакција од Софија и осуда од страна на Европската унија.
-Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и негира посебниот македонски етнички идентитет. Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската унија, наведува Филипче.
Тој повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои, според него, се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.
-Ја повикувам Европската унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности, и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ, потенцира претседателот Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува македонската Влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.
-Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив и директно спротивен на европските вредности за почитување на различностите, потенцира претседателот Филипче.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал, и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.