Град со големина на лешник падна во Прилепско и Долненско

Од високи температури до силен дожд и град за само неколку часа. Нестабилното време што попладнево зафати делови од Македонија донесе интензивни врнежи и град во Прилепско и Долненско.

Град со големина на лешник паднал во селата Мало Коњари во Прилепско, како и Дебреште и Ропотово во Долненско. Локално врнежите биле силни и проследени со грмежи.

Метеоролошките радари попладнево регистрирале силни атмосферски јадра северозападно од Прилеп, како и во поширокиот централен дел на земјата. Во исто време, во Македонија и натаму се мереле високи температури, а во Велес максималната достигнала 38,4 степени.

Наглата промена на времето беше најавена и од УХМР. За денеска беше прогнозирано топло време со сончеви периоди, но во попладневните часови локално се очекуваа пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а на места и невреме со силен ветер и град.

Токму таков развој на времето имаше во делови од Прилепско и Долненско, каде по жешкиот дел од денот за кратко време се развија силни грмежливи облаци.

Послаби услови за локална нестабилност ќе има и утре кон крајот на денот, додека потоа повторно се очекува стабилизирање и нов раст на температурите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?