Груби седна на обвинителна клупа, со речиси 240 докази против него

Најчевска

Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска беше изведен пред Основниот кривичен суд во Скопје на почетокот на судењето за случајот „Државна лотарија“, но постапката ќе продолжи на 7 септември откако одбраната побара време за увид во обемниот доказен материјал.

Обвинителството најави дека во постапката ќе изведе 231 материјален и седум вербални докази. Според обвинителот Даниел Коцев, најголемиот дел од материјалните докази, со исклучок на вештиот наод и мислење, би можеле да бидат изведени на едно рочиште, додека времетраењето на сведочењата ќе зависи и од вкрстените прашања на одбраната.

Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски им остави на странките една недела дополнително да се запознаат со доказите. За септември веќе се определени три термини – 7 септември во 12 часот, 11 септември во 10 часот и 16 септември во 10 часот.

Во предметот се обвинети осум лица – Перпарим Бајрами, Артан Груби, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски, Александар Димитриоски и Башким Авди. Првообвинетиот Бајрами и натаму е во бегство и не присуствуваше на денешното рочиште.

Основното јавно обвинителство Скопје ги товари обвинетите дека во текот на 2023 и 2024 година, како соизвршители, ги пречекориле своите службени овластувања и со тоа на „Државна лотарија“ ѝ нанеле штета од 507.632.173 денари, односно повеќе од 8,2 милиони евра.

На сите им се става на товар кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Постапката се води како скратена, пред судија поединец, бидејќи за делото е предвидена казна затвор до пет години.

Груби во судот беше донесен со полициско возило директно во гаражата на судската зграда. Тој се наоѓа во куќен притвор, кој според претходната судска одлука е продолжен до 13 септември, со одземена патна исправа и забрана за издавање нов документ со кој би можел да ја напушти државата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?