По повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата, ХЕРА Млади порача дека демократијата не треба да се сведува само на избори и институции, туку да биде присутна во секојдневниот живот преку слободно изразување, учество во носењето одлуки и барање одговорност од институциите.
Во видео објавено по повод денот, младите од ХЕРА зборуваат за влијанието на современиот начин на информирање и комуникација врз ставовите, односите и учеството во општеството.
Од ХЕРА Млади предупредуваат дека сè поголем дел од јавниот живот се одвива во дигиталниот простор, каде алгоритмите влијаат врз тоа што луѓето гледаат, читаат и со кого комуницираат. Според нив, таквата средина може да создава паралелни информациски светови и дополнително да ги продлабочува поделбите.
„Денеска демократијата е под опасност од таканаречената алгоритмократија. Во алгоритмократијата власта не припаѓа веќе кај луѓето, туку средината е уредена од алгоритмите“, вели Виктор Бучковски од ХЕРА Млади.
Од организацијата посочуваат дека демократијата подразбира разговор, различни мислења и можност граѓаните заеднички да учествуваат во носењето одлуки.
„Денес демократија значи да може да дадете критика, пофалба или едноставно да кажете нешто и тоа да биде слушнато, разбрано и дејствувано“, вели Ема Мицевска.
ХЕРА Млади бара младите да бидат вклучени уште во почетната фаза на креирањето закони, политики и буџети кои директно влијаат врз нивниот живот.
Според организацијата, демократското општество треба да обезбеди и квалитетно образование, достоинствена работа, достапно домување, чист воздух и соодветна грижа за менталното и физичкото здравје.
Од институциите бараат поголем простор за суштинско младинско учество, образование кое развива критичко мислење, како и поголема медиумска и дигитална писменост и отпорност кон дезинформации.
„Задачата на нашата генерација е да создаде можности за среќавање и простор во кој ќе можеме заедно да градиме подобро општество – обединети, а не како во алгоритмите, секој на своја страна разединети“, порача Бучковски.
Од ХЕРА Млади заклучуваат дека младите не треба да бидат само публика, кликови или податоци, туку активни граѓани и учесници во демократските процеси.

