Извршниот одбор на СДСМ на денешната седница оцени дека секоја дебата којашто се однесува на СДСМ треба да се води во партијата, пред органите и телата а не надвор од неа.
Во оваа насока Извршниот одбор на СДСМ донесе заклучок јавно да ги повика на дебата во партијата сите поединци или групи. Дебатата да се води во партијата за борбата против криминалната власт на Мицкоски.
Во партиското соопштение се наведува дека вратите на СДСМ се отворени за секој што и мисли добро и што споделува прогресивни вредности.
Само низ дијалог и соочување на аргументите внатре во партијата може да се разговара, не преку медиуми, не преку вонпартиски иницијативи и платформи кои и прават штета и ја рушат партијата од внатре.
Нашата заедничка цел е јасна, се нагласува во соопштението, СДСМ се престројува и се подготвува за силна, бескомпромисна и организирана борба против погрешните социјални, економски и политички деструктивни политики на ВМРО, кои туркаат државата во изолација, а граѓаните во длабока сиромаштија.
Патот на СДСМ никогаш не бил лесен, потсетуваат и посочуваат дека низ историјата, социјалдемократите секогаш чекореле по најтешко проодните патеки, преземале одговорност кога било најтешко и се соочувале со најголемите предизвици за државата и граѓаните.
Но, токму од тие битки СДСМ секогаш излегувал посилен. Упатуваме порака до целокупното членство, симпатизерите и активистите – партијата е силна, стабилна и има длабок корен. Во овој клучен момент, нема простор за вештачки создадени поделби, дефокусирање или внатрешни сопнувања.
СДСМ потенцира дека единството е најсилното оружје на партијата.
Разликите во размислувањата се наша предност, но целта ни е и треба да ни остане заедничка – Фронтот за вистина и правда.
СДСМ ги повикува сите социјалдемократи, сите прогресивни сили да застанат рамо до рамо и порачува дека е време за збивање на редовите, за храброст и за одлучна борба против оваа расипничка власт.
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ дискутираше за повеќе актуелни теми.
ИО изразил сериозна загриженост за лошата економска состојба во земјата и влошениот животен стандард на граѓаните, во Буџетот нема пари, власта трупа нови долгови и со ребалансот состојбата со долговите се влошува.
СДСМ ќе продолжи да се бори против погрешните економски и криминални политики на владата на Мицкоски, во интерес на граѓаните и на државата. СДСМ тргнува во офанзива за заштита на иднината на државата!
