Македонија вечерва ќе може да проследи дел од реткото затемнување на Сонцето што денеска ќе биде целосно во делови од Европа. Кај нас затемнувањето ќе биде само делумно и краткотрајно, непосредно пред зајдисонце, но и покрај тоа директното гледање во Сонцето без соодветна заштита може трајно да го оштети видот.
Во Скопје затемнувањето ќе започне околу 19:30 часот, максимумот ќе биде околу 19:36, а Сонцето ќе зајде околу 19:39 часот. Практично, скопјани ќе имаат само околу девет минути за да го набљудуваат феноменот. Во другите делови од земјата времето се разликува за неколку минути – во Куманово започнува околу 19:29, во Битола околу 19:31, а во Охрид исто така околу 19:31 часот.
Бидејќи Сонцето во моментот на затемнувањето ќе биде многу ниско над хоризонтот, најдобри услови ќе имаат оние што ќе најдат отворено место со непречен поглед кон запад-северозапад. Згради, ридови и дрвја лесно може целосно да го сокријат Сонцето во последните минути пред зајдисонце.
Најважното правило е едноставно – не гледајте директно во Сонцето со голо око. Во Македонија нема да има фаза на целосно затемнување, па во ниту еден момент нема да биде безбедно да се гледа без заштита. NASA предупредува дека при делумно затемнување мора постојано да се користи соодветна заштита за очите.
За директно набљудување треба да се користат специјални очила за затемнување или соларни филтри што го исполнуваат стандардот ISO 12312-2. Обичните очила за сонце, дури и најтемните, не обезбедуваат доволна заштита.
Пред употреба проверете ги очилата – доколку филтерот е изгребан, продупчен или оштетен, не треба да се користи. Очилата се ставаат пред да погледнете кон Сонцето, а погледот се трга од него пред да ги извадите.
Особено опасно е Сонцето да се гледа преку двоглед, телескоп или фотоапарат без специјален соларен филтер поставен на предниот дел од оптиката. Концентрираната сончева светлина може да предизвика сериозно оштетување на очите, но и на самата опрема. Очилата за затемнување сами по себе не се доволна заштита кога се гледа низ вакви оптички уреди.
Безбедна алтернатива е и индиректното набљудување. Со едноставен „pinhole“ проектор – мало дупче на парче картон преку кое сончевата светлина се проектира на друга бела површина – може да се следи како Месечината постепено го прекрива сончевиот диск без воопшто да се гледа директно кон Сонцето.
Денешното затемнување е целосно во тесен појас што минува низ Гренланд, Исланд, северна Русија, Шпанија и мал дел од Португалија. Од Македонија ќе се види само мал „залак“ од Сонцето непосредно пред неговото зајдисонце.
