Како би изгледал новиот начин за проширување на ЕУ

лидерска

Европската комисија предлага промена на начинот на кој се носат одлуките во пристапните преговори со земјите кандидати, со цел една земја членка да не може сама да го блокира целиот процес во секоја негова фаза. Ветото, сепак, не би исчезнало – сите членки и натаму би морале да се согласат за конечниот прием на нова држава во ЕУ.

Предлогот е дел од пакетот „Подготовка за поширока Унија“, што Европската комисија го претстави на 6 октомври. Тој предвидува промени во одлучувањето, постепено вклучување на кандидатите во политиките на ЕУ и дополнителни механизми за заштита на владеењето на правото по приемот.

Најголемата промена би била во текот на самите преговори.

Сега, политичките одлуки за напредокот на кандидатите во голема мера зависат од согласноста на сите земји членки. Тоа им овозможува на поединечни држави да запрат отворање на кластери или други чекори во процесот.

Комисијата предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓуодлуки да се носат со квалификувано мнозинство.

Според правилата што важат во Советот на ЕУ, квалификувано мнозинство вообичаено значи поддршка од најмалку 55 проценти од земјите членки – односно најмалку 15 од 27 држави – кои истовремено претставуваат најмалку 65 проценти од населението на Унијата.

Тоа практично би значело дека една земја повеќе не би можела самостојно да го запре напредувањето на кандидатот во секоја фаза од преговорите.

Напредокот, сепак, и натаму би зависел од исполнувањето на реформите и условите поставени во пристапниот процес.

Конечниот прием останува со вето

На крајот од процесот правилото не би се менувало.

За една држава да стане членка на ЕУ и натаму ќе биде потребна едногласна согласност од сите земји членки, согласност од Европскиот парламент и ратификација на пристапниот договор.

Тоа значи дека секоја земја членка би ја задржала можноста да го спречи конечниот прием на нова членка.

Главната разлика е што билатералните спорови потешко би можеле да се користат за блокирање на секој поединечен чекор во текот на повеќегодишните преговори.

Интеграција уште пред членството

Новиот модел предвидува кандидатите постепено да добиваат пристап до делови од европските политики и пред формалното членство.

Комисијата ги посочува енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и одбраната како области во кои кандидатите би можеле порано да се интегрираат.

Таквиот пристап би бил условен со исполнување на реформите и усогласување со политиките на ЕУ. Добиените придобивки би можеле и да бидат повлечени доколку земјата кандидат престане да ги исполнува условите.

Посилни механизми и по приемот

Комисијата предлага и посилни заштитни механизми за идните членки, со цел обврските преземени во преговорите да продолжат да важат и по пристапувањето.

Во случај на сериозно нарушување на основните вредности на ЕУ или владеењето на правото, меѓу можните мерки би можело да биде и ограничување или суспендирање на гласачките права во Советот.

Предвидена е и можност за преодни периоди во области како слободното движење на работници и услуги, земјоделството, европските фондови и пристапот до одредени заеднички системи.

Една од предложените опции е новите членки, во ограничен период по приемот, да преземат обврска да не го блокираат идното проширување поради билатерални спорови.

Што би значело тоа за Македонија

Предложената промена не ја отстранува сегашната обврска на Македонија за уставни измени.

Во преговарачката рамка од 2022 година е предвидено следната меѓувладина конференција, со која треба да заврши отворачката фаза на преговорите, да се одржи по стапувањето во сила на уставните измени со кои во Уставот би биле внесени и Бугарите.

Новиот предлог на Европската комисија самиот по себе не го менува тој веќе договорен услов.

Доколку Македонија ја надмине сегашната пречка, а земјите членки во меѓувреме го прифатат новиот начин на одлучување, разликата би станала значајна во следните фази.

Бугарија или друга земја членка тогаш не би можела сама да запре секое отворање на кластер или друга меѓуодлука доколку за неа постои потребното квалификувано мнозинство.

На крајот, сепак, за членството на Македонија повторно би била потребна согласност и од Бугарија и од сите други членки на ЕУ.

Засега ова не се нови правила, туку предлог на Европската комисија. За негово спроведување ќе биде потребен политички договор меѓу земјите членки и дополнително разработување на механизмите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?