Веста дека државата размислува за затворање на училишта со неколку ученици и нивно припојување кон поголеми образовни центри на прв поглед може да изгледа како рационална административна мерка. Владата ја претставува како дел од оптимизацијата на образовниот систем, а Министерството за образование уверува дека учениците ќе добијат подобри услови за учење, а наставниците нема да останат без работа.
Деновиве почнуваат серија средби и работилници на Министерството за образование, општините и училиштата, на кои ќе бидат образложени плановите за оптимизација на училишната мрежа. Тоа ќе значи практична реализација на планот на кој, според министерката за образование, Весна Јаневска, заедно со УНИЦЕФ и Светска банка е работено две години.
Што тоа практично значи? Драстичното намалување на ученици, како што беше образложено од Јаневска, со паралелки со 3, 5, 7 деца, со просечно еден наставник на 9 деца, е товар и за побогатите држави од нашата. Со цел рационално искористување на потенцијалите, за постигнување на подобри резултати, во некои од општините веќе се донесени одлуки за припојување на едно со друго училиште, од централни стануваат подрачни училишта, а некои, како штипското ООУ „Гоце Делчев“ по пет години целосно ќе биде затворено.
Ова се принудни решенија затоа што во многу општини има сериозно намален број на деца кои одат во училиште. Причините се две: намалениот број новородени деца и масовното иселување во странство на цели семејства. Се случува депопулација на државата.
Промените за почеток почнуваат со прво и шесто одделение се избрани како основа за промените во некои од училиштата – во прво одделение ќе се формираат паралелки со најмалку 20 ученици, додека тие со шесто одделение ќе се преземаат во други училишта.
Македонија останува без деца
Но зад бројките, стратегиите и реформските планови се крие една многу поголема приказна – Македонија останува без деца.
Кога во едно подрачно училиште има две, три или десет ученици, проблемот не е во училиштето. Проблемот е што селото, населбата или регионот остануваат без млади семејства. Училиштето е само последната институција што го регистрира процесот на иселување кој со години ја празни државата.
Затоа најавата за затворање на училишта не треба да се чита само како образовна политика. Таа е демографски аларм.
Министерката Јаневска отворено признава дека намалувањето на бројот на ученици е последица на масовното иселување на населението. Во таа смисла, оптимизацијата на училишната мрежа претставува адаптација на системот кон новата реалност, а не решение за проблемот.
Прашањето е дали државата веќе почнува да ги прилагодува институциите на намалувањето на населението наместо да бара политики што би го забавиле или запреле тој процес.
Аргументите за рационализација не се без основа. Навистина е тешко да се обезбеди квалитетна настава во училишта каде во една паралелка има неколку ученици од различни одделенија. Исто така е факт дека современото образование бара лаборатории, информатичка опрема, стручни служби и воннаставни активности кои тешко можат да се организираат во мали и изолирани подрачни училишта.
Кога нема училишта, нема иднина
Но постои и другата страна на приказната.
Во многу рурални средини училиштето не е само образовна институција. Тоа е последниот знак дека местото има иднина. Кога ќе се затвори училиштето, обично следуваат затворање на продавницата, амбулантата и поштенската канцеларија. Пораката до преостанатите жители е јасна – државата повеќе не смета дека таму има перспектива.
Оттука произлегува дилемата: дали затворањето на училиштата е последица на демографската криза или дополнително ќе ја забрза?
Уште едно важно прашање е судбината на наставниот кадар. Министерството уверува дека наставниците нема да бидат отпуштени, туку ќе бидат ангажирани во продолжен престој, дополнителна настава или ќе бидат прераспределени во институции од образовниот сектор кои имаат недостаток од кадар.
Тоа е логичен обид да се избегнат социјални последици, но истовремено претставува признание дека образовниот систем влегува во нова фаза – фаза во која бројот на ученици повеќе не го оправдува постојниот број наставници.
Во држава што со години се соочува со негативни демографски трендови, ова не е изолиран проблем на образованието. Истите процеси веќе се чувствуваат во здравството, локалната самоуправа и на пазарот на трудот.
Ако оптимизацијата на училишната мрежа е неопходна мерка, тогаш таа треба да биде придружена со многу посериозна дебата за причините поради кои училниците остануваат празни. Во спротивно, државата ќе продолжи да ги приспособува институциите кон намалувањето на населението, наместо да создава услови населението да остане.
Бидејќи кога едно училиште ќе ги затвори вратите, тоа не е само образовна статистика. Тоа е знак дека некаде исчезнува една заедница. А кога заедниците исчезнуваат побрзо отколку што се создаваат нови, тогаш проблемот одамна не е во образованието, туку во иднината на државата.
