Кога пожарот ќе изгасне, кој ја плаќа штетата? Еве што можат да бараат граѓаните

Од пчеларникот меѓу Чаниште и Крушевица останаа изгорени кошници, уништена опрема и мртви пчелни семејства. Слична е сликата и на други места погодени од пожарите: изгорени ниви, насади, штали, добиток, помошни објекти и куќи. Но, кога противпожарните екипи ќе заминат, за сопствениците започнува друга битка а тоа е да ја докажат загубата и да утврдат од кого можат да бараат надомест.

Парите може да се бараат по две различни основи: од осигурителна компанија, доколку имотот бил осигурен за соодветниот ризик, и преку постапката за државна помош, која започнува пред општинска комисија. Едната постапка не ја заменува другата, а ниту една исплата не е автоматска.

Првиот чекор е штетата да се документира веднаш штом пристапот до местото ќе биде безбеден. Треба да се направат фотографии и видеоснимки од поширок агол и од секој оштетен предмет одделно, да се запишат датумот, локацијата и катастарската парцела и да се состави попис на уништеното. Кај куќите и другите објекти треба да се евидентираат оштетувањата на конструкцијата, покривот, инсталациите, мебелот и опремата. Кај земјоделците одделно се запишуваат површината и културата, машините, насадите, добитокот, кошниците, пчелните семејства и пчеларската опрема.

Пожарот треба да биде пријавен и кај надлежните служби за да постои официјален запис за настанот. Записникот од противпожарната единица, а по потреба и од МВР, може да биде клучен доказ и пред осигурителот и пред општинската комисија.

Рокот не е ист во секоја општина

Процената на штетите од природни непогоди и други несреќи ја вршат комисии формирани од советите на општините. Граѓаните и земјоделците затоа треба веднаш да проверат дали нивната општина објавила јавен повик, каде се поднесува барањето и до кој датум.

Законот предвидува општинските комисии да го започнат утврдувањето на штетата веднаш, а извештајот да го достават до владината комисија во рок од 360 дена од престанокот на непогодата. Но, тие 360 дена не се рок што го има граѓанинот за да ја пријави штетата.

Рокот за граѓаните го определува општината во јавниот повик и тој може да биде многу пократок. Во јавни повици објавени во 2026 година, општините Радовиш и Валандово, на пример, оставиле само седум работни дена за пријавување. Пропуштањето на локалниот рок може да значи дека штетата воопшто нема да влезе во општинскиот елаборат.

Документите се разликуваат зависно од општината и видот на штетата, но најчесто се бараат лична карта, трансакциска сметка, пополнета пријава, фотографии и доказ за сопственост или користење на имотот. За куќа, помошен објект или земјиште тоа може да биде имотен лист, договор за закуп или друг соодветен документ.

Земјоделците треба да подготват и решение за запишување во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, податоци за парцелите и доказ за културата или насадот. Пчеларите може да треба да достават потврда за бројот на регистрирани пчелни семејства, а сточарите податоци за идентификациските броеви и евиденцијата на животните. Корисни се и фактури, сметкопотврди, ветеринарна документација и други докази за вредноста на уништената опрема, добиток или производство.

По теренскиот увид, општинската комисија ја утврдува штетата и подготвува извештај што го разгледува советот на општината. Потоа документите се испраќаат до комисијата што ја формира Владата. Таа има рок од 120 дена од приемот на општинскиот извештај да подготви вкупен извештај, во кој се вклучува и мислење од Министерството за финансии за можноста да се обезбедат пари од Буџетот.

Тоа значи дека општинската процена не е решение за исплата. Законот зборува за помош, која може да биде непосредна парична помош или даночно олеснување, но за неа Владата мора да донесе посебна одлука и да обезбеди средства. Не е однапред утврдено дека ќе биде исплатена целата проценета штета, ниту дека сите оштетени ќе добијат еднаков процент.

Ниту криз­ната состојба прогласена поради опасноста од пожари не претставува автоматска одлука за обесштетување. Таа овозможува ангажирање државни ресурси за справување со огнот, но исплатата на помош останува посебна постапка.

Осигурувањето не треба да ја чека општинската комисија

Ако куќата, земјоделското производство, пчеларникот или добитокот биле осигурени, штетата треба веднаш да се пријави кај осигурителната компанија. Во објавените постапки на дел од осигурителите се предвидува пријавување веднаш, односно најдоцна во рок од три дена. Точниот рок, сепак, зависи од полисата и условите на конкретната компанија.

До доаѓањето на проценителот не треба да се менува состојбата на оштетениот имот, освен кога е неопходно да се спречи натамошна штета или да се отстрани опасност. Секоја таква интервенција треба претходно да се фотографира, а сметките за итни поправки и расчистување да се зачуваат.

За пријава најчесто се потребни полисата или нејзиниот број, личен документ, трансакциска сметка, записник од противпожарната служба, по потреба записник од МВР и попис на уништените предмети со приближна вредност.

АСО ја води „осигурување на имот од пожар и природни непогоди“ како посебна класа, но тоа не значи дека секоја имотна или земјоделска полиса ги покрива сите последици од пожар. Треба да се провери што точно е наведено како предмет на осигурување и дали се опфатени објектот, опремата, посевите, кошниците, пчелните семејства или добитокот. Исплата следува само за ризиците и имотот што биле опфатени пред пожарот.

Ако дел од штетата биде покриен од осигурување, тој износ се зема предвид и се одбива при утврдувањето на вкупната штета во државната постапка. Затоа во дел од општинските повици се бара и изјава дали имотот бил осигурен.

Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година предвидува помош за премии за осигурување до 60 проценти од вредноста на полисата, но најмногу 150.000 денари по земјоделско стопанство. Мерката се однесува на осигурувања склучени од 1 август 2025 до 31 јули 2026 година. Со јулската измена рокот за поднесување барања е продолжен до 30 септември 2026 година, а програмата повторно беше изменета и во август.

Но, оваа мерка го покрива делот од трошокот за веќе склучена полиса, не ја надоместува штетата од сегашните пожари. За цела 2026 година во програмата за неа се предвидени еден милион денари, сума што ја покажува разликата меѓу поддршката за купување осигурување и средствата што би биле потребни за масовно обесштетување по пожарите.

Последниот извештај на АСО покажува дека осигурувањето на посеви, плодови и добиток во 2025 година учествувало со само 5,12 проценти во вкупната премија за осигурување имот. Премијата од земјоделските осигурувања изнесувала околу 157,8 милиони денари и била за 44 проценти пониска од претходната година.

За погодените семејства и земјоделци тоа значи две одделни пријави: една до осигурителот, ако постои полиса, и една до општинската комисија. За двете треба да се побара писмена потврда или архивски број, бидејќи усното известување и фотографиите објавени на социјалните мрежи не се формална пријава на штета.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?