Многу е важно да се анализираат индициите, политичкиот контекст и можните мотиви поврзани со изјавата на премиерот Мицкоски дека соседна земја, членка на ЕУ, лобира во Брисел Македонија да нема пристап до европските фондови.
Од самата изјава на премиерот се издвојуваат три елементи: дека станува збор за соседна држава која е членка на ЕУ; дека таа, според него, лобира за запирање на европските фондови за Македонија; и дека целта, како што тврди, е Македонија економски да биде принудена да прифати политички отстапки.
Ако се анализираат регионалните односи, кругот на можни држави е многу тесен. Од соседите на Македонија, членки на ЕУ се само Грција и Бугарија.
Зошто најчесто се посочува Бугарија?
Без да се тврди дека премиерот мислел токму на Бугарија, политичката логика води најмногу кон Бугарија поради познатите актуелни причини.
Единствениот билатерален спор што во моментов директно ја блокира европската интеграција на Македонија е поврзан со бугарските услови, како прво
Второ, факт е дека во последните години бугарски политичари повеќепати јавно инсистираа европските инструменти да бидат условени со исполнување на преземените обврски;
Трето и симптоматично, ден, два пред оваа изјава, Мицкоски дополнително ги заостри односите со Софија обвинувајќи ја Бугарија за објавување дипломатска нота поврзана со неговото семејство.
Зошто не Грција?
Во последните неколку години Атина практично не отвора нови фронтови кон Скопје во рамките на европската политика. Напротив, и покрај повремените несогласувања околу спроведувањето на Преспанскиот договор, и оваа и претходните грчки влади генерално не се појавуваат како иницијатори за блокирање на европските финансиски инструменти.
Внатрешнополитичка функција
Оттаму, новинарски е сосема легитимно да се постави прашањето дали ваквата изјава има и внатрешнополитичка функција.
Во момент кога јавноста дебатира за застојот во евроинтеграциите, за реконструкцијата на Владата, за реформската агенда и економските предизвици, една ваква драматично-патетична изјава го префрла фокусот од прашањето „зошто нема напредок?“ кон прашањето „кој работи против Македонија?“
Тоа не значи дека тврдењето е невистинито. Но, бидејќи премиерот не понуди ниту име на државата, ниту документи, ниту изјава од европски претставници што би ја потврдила ваквата теза, неговото тврдење засега останува непоткрепено со јавни докази.
Сето ова не исклучува дека премиерот има сознанија за да тврди нешто вакво, но ако има зошто не ја именува државата?
Да не се плаши дека ќе ги влоши односите со „соседната држава“. Па ако е Бугарија, зар може да бидат повеќе влошени? Особено со една ваква аматерска изјава.
Дали постојат индиции од европските институции дека некој навистина бара суспензија на фондовите или, пак ваквата изјава служи и како политичка рамка со која одговорноста за застојот во евроинтеграциите се префрла кон „надворешен непријател“, наместо да се отвори расправа за домашната стратегија?
