Двајца даночни контролори се обвинети дека примиле очила и рачен часовник за однапред да откриваат кога ќе има ненајавени контроли во „Пулс“ и поврзани фирми. Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвиненија против вкупно девет лица за поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање службена тајна и фалсификување документи.
Според обвинението, подароците ги побарале и примиле од лице одговорно во фирмите, кое се товари за давање поткуп. Еден од контролорите преку пораки на Вибер го известувал за активностите на УЈП и МВР, поради што е обвинет и за продолжено оддавање службена тајна.
Обвинителството ги товари двајцата контролори и дека при надзор на 6 март 2024 година откриле даночни неправилности и нерегистриран промет, но не ги внеле во записникот. Со тоа, според обвинението, останала ненаплатена глоба од 98.400 денари. Еден од нив се товари и дека го фалсификувал службениот извештај за да ги прикрие неправилностите.
Обвинителен акт е поднесен против тројца, а обвинителен предлог против уште шест лица. Меѓу нив се дополнителни четворица даночни контролори и инспектори, вработена во Државниот пазарен инспекторат обвинета за откривање информации за акциски контроли и реалниот сопственик на фирмите, кој се товари за помагање во злоупотребите.
Првичната кривична пријава опфаќала уште четири лица. За две постапката е запрена поради застареност, а за другите две Обвинителството утврдило дека нема основ за кривично гонење.

