Крушево повторно центар на младинскиот дијалог: 120 учесници од 15 земји ќе разговараат за европската иднина

Во Крушево од 24 до 27 септември ќе се одржи 24. Меѓународна младинска конференција, која годинава ќе обедини 120 активни млади лидери од 15 држави. Во фокусот ќе бидат европските вредности, учеството на младите во донесувањето одлуки и интеграцијата на регионот во Европската Унија.

Настанот се реализира во рамките на проектот „Western Balkans Youth Lab“, кој го спроведува Советот за регионална соработка, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Конференцијата, организирана од Младински сојуз – Крушево, годинава се одржува под мотото „Европа почнува овде – Младите, европските вредности и проширувањето на нашата заедничка иднина“.

Во Крушево ќе пристигнат млади од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Грција, Косово, Црна Гора, Словачка, Германија, Србија, Словенија, Турција и Полска.

Во текот на четиридневната програма ќе се разговара за учеството на младите и разликата меѓу статистичките податоци и реалноста, довербата и заедничката одговорност во процесот на пристапување кон ЕУ, отчетноста на институциите, социјалните иновации, претприемништвото и можностите за вработување во регионот.

Дел од дискусиите ќе бидат посветени и на дигиталните и граѓанските системи за регионално поврзување, како и на создавањето регионални и европски механизми за поддршка на младите.

Најавено е учество на претставници на институции, експерти, пратеници, новинари и претприемачи. Меѓу нив се министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Македонија Стефано Елеро и Елена Грабул од Советот за регионална соработка.

На конференцијата ќе учествуваат и градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, пратеници од Македонија, Албанија и Косово, претставници на Европскиот економски и социјален комитет, како и експерти од областа на економијата, претприемништвото, статистиката и медиумите.

Официјалното отворање е закажано за 24 септември во 19 часот. На 25 септември, од 12 до 12:45 часот, во хотелот „Монтана“ ќе се одржи и брифинг за медиумите со изјави од учесниците и организаторите.

Меѓународната младинска конференција во Крушево се одржува од 2003 година. Според организаторите, во изминатите 23 години на неа учествувале повеќе од 1.900 млади од 50 земји, а иницијативите произлезени од конференцијата директно или индиректно допреле до повеќе од два милиона млади луѓе.

Настанот е отворен за јавноста, а повеќе информации за програмата и учесниците се достапни на официјалната интернет-страница на конференцијата.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?