Македонскиот рубин ќе биде заштитен

Македонскиот рубин ќе добие систем за сертификација со кој ќе се докажуваат неговото потекло и автентичност, а ќе биде формиран и регистар на овластени производители и обработувачи. Целта е да се спречи други минерали или производи да се продаваат под името „македонски рубин“.

За спроведување на процесот е формирана посебна Комисија за македонскиот рубин, која ќе работи под стручна надлежност на Геолошкиот завод. Во процесот се вклучени и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот завод за индустриска сопственост.

Новиот систем треба да овозможи следење на рубинот од ископувањето, преку неговата обработка, до моментот кога ќе се појави на пазарот. Покрај сертификатот за потекло, планирана е евиденција за количините и движењето на рубинот, како и утврдување стандарди за негово означување, обработка и продажба.

„Сега започнува следната фаза – да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека кога некој ќе купи македонски рубин, навистина знае дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Покрај заштитата од лажно претставување, институциите очекуваат сертификацијата да ја зголеми и пазарната вредност на македонскиот рубин и да помогне во неговата меѓународна промоција.

Македонскиот рубин е препознатлив по својата малиново-розева боја, а неговите наоѓалишта се поврзуваат со поширокиот регион на Прилеп и Мариово. Државата претходно го заштити како национален полускапоцен камен и минерален симбол.

Следниот чекор е воспоставување на практичниот систем на контрола, со кој називот „македонски рубин“ би требало да може да го користат само производи со потврдено потекло.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?