Мицкоски е подготвен за Радев, но средба нема, евроинтегративниот пат на Македонија останува закочен

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен во секое време да седне на маса со бугарскиот премиер Румен Радев, но директна средба меѓу двајцата сè уште ниту е договорена, ниту е најавена. Додека Скопје и Софија повторуваат дека дијалогот е неопходен, конкретна политичка иницијатива што би го придвижила спорот засега нема, а македонскиот евроинтегративен процес останува блокиран.

Мицкоски денеска порача дека политиката се темели на разговори и дека е подготвен да разговара сè додека не се најде решение, но истовремено постави услов, средбата со Радев да има конкретна цел и претходно дипломатските контакти да ги доближат позициите.

Според него, состанок само за да се покаже дека двајцата премиери се сретнале нема смисла.

„Јас сум подготвен во било кој момент да седнам и да разговарам, но средба колку да биде средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето, ниту на неговото време“, изјави Мицкоски.

Токму тука се појавува и политичкиот парадокс.

Од една страна, македонската Влада инсистира дека решението може да се бара единствено преку разговори. Од друга, засега нема иницијатива за директна средба меѓу владите, а највисокото политичко ниво останува на јавни пораки за тоа под кои услови би се разговарало. Телма денеска објави дека досега немало иницијатива за директни разговори меѓу владите на Македонија и Бугарија.

Мицкоски очекува најпрво дипломатските канали да ги приближат позициите, па дури потоа да се отвори простор за средба со Радев.

Но времето за Македонија не е неутрална категорија.

Додека Скопје и Софија ги дефинираат црвените линии и условите за разговор, процесот за почеток на суштинските преговори со Европската Унија останува врзан за прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот.

Бугарската страна во меѓувреме не покажува намера да ја промени својата основна позиција.

Во отчетот за првите сто дена на владата на Румен Радев, Софија повторно ја декларира поддршката за европската интеграција на Македонија, но ја врзува со исполнување на преземените обврски и со заштита на правата на бугарската заедница во земјава. Радев е премиер на Бугарија од 8 мај 2026 година, кога неговата влада беше избрана во бугарскиот парламент.

Мицкоски возвраќа дека македонскиот Устав веќе обезбедува сериозна заштита за сите граѓани, вклучително и за бугарската заедница, но го отвора прашањето за реципроцитетот и положбата на Македонците во Бугарија.

Тој повторно се повика на случаите со нерегистрирани здруженија на Македонци во Бугарија и пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, барајќи темата за правата да не се разгледува само еднострано.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски исто така потврди дека македонската страна останува на своите црвени линии во односите со Софија.

Со тоа, во моментов двете страни формално се за дијалог, но позициите од кои би започнал тој дијалог остануваат оддалечени.

Мицкоски не ја отфрла средбата со Радев, напротив, јавно кажува дека е подготвен за неа. Но неговата порака дека состанок треба да има само ако претходно постои изглед за напредок ја остава дипломатијата во истата точка, прво треба да се приближат ставовите за да има средба, а токму средбата на највисоко ниво би можела да биде еден од начините тие ставови да се приближат.

Во меѓувреме, нема ниту датум, ниту формат, ниту официјално најавена иницијатива за директен разговор Мицкоски, Радев.

А тоа значи дека зад пораките за подготвеност засега нема политички пробив кој би го откочил спорот со Бугарија и македонскиот пат кон Европската Унија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?