Мицкоски од Пелинце: Илинден е завет за зачувување на државата, достоинството и националниот идентитет

Мицкоски
Скриншот од ТВ Пренос на МТВ

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Илинден е најсилниот историски доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, предавани и потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, обраќајќи се на централната прослава по повод Денот на Републиката – 2 Август, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека двата Илиндена, Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година ги претставуваат темелите на македонската државност и слободарска традиција. Тој оцени дека Илинден не е само историски датум, туку завет за зачувување на државата, достоинството и националниот идентитет.

– Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ. Токму затоа денес ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку една низа, две страници од истата книга, напишана со вера, со храброст и со непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна, истакна Мицкоски.

Премиерот порача дека Македонија низ својата историја поминала низ бројни искушенија, но дека секогаш успевала да ја зачува својата волја за слобода и државност.

Антифашизмот, рече премиерот, станал трајна македонска определба, а благодарение на политиките на тогашното македонско воено- политичко раководство во Македонија била избегната идеолошка граѓанска војна со крвави последици, нешто што се случувало на поранешните југословенски простори за време на Втората светска војна.

Мицкоски истакна дека обврска на сегашните генерации е да ја продолжат борбата на илинденците и асномците преку создавање праведна, стабилна и просперитетна држава, во која младите ќе ја гледаат својата иднина.

На прославата по повод Денот на Републиката се одржа во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, државниот врв, претставници на институциите, на партиите, на општсествените организации, дипломатскиот кор и бројни граѓани им оддадоа почит на илинденците и на учесниците во Народноослободителната борба.

Најчитано