Мицкоски против Трамп: Русија изврши воена агресија без преседан и треба да биде осудена

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски во дебата на Атлантскиот совет во Вашингтон, пренесувана во живо изрази сосема спротивен став од оној на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја обвини Украина дека започнала конфликт што ја опустоши нејзината земја и уби илјадници нејзини луѓе.

На прашањето да го коментира процесот за постигнување мировно решение за војната во Украина и за тоа дали на било кој начин тоа ќе предизвика импликации на Западен Балкан, Мицкоски во одговорот, кој започнува на 35:20 минтута од видеото, вели:

„Македонија е меѓу петте топ земји донатори на Украина. Воената руска агресија без преседан, војната против Украина и украинскиот народ, неиспровоцирана со ништо е нешто страшно. Тоа мора да биде осудено. Треба да направиме сѐ што можеме за да му помогнеме на украинскиот народ и на Украина. Тоа е нашата позиција. Зошто? Затоа што Русија го предизвика и го негира украинскиот идентитет и јазик. Тоа е грозно. Страшно“.

Односот на меѓународната заедница кон Украина Мицкоски го споредува со односот на светот кон ситуацијата во која се наоѓа Северна Македонија и вели:

„Но, во исто време, Парламентот на една ЕУ земја го порекнува македонскиот идентитет и мојот мајчин јазик, македонскиот јазик, кој патем речено, е официјален јазик во ОН од 1945 година и кодифициран од 1977 година. Затоа мора да имаме ист пристап за двата случаи. Да, во Украина има воена инвазија, луѓето умираат, трагично е, им помагаме колку што можеме. Но, што е со македонскиот случај. Да зборуваме за тоа досие.“

Зачлени се на нашиот е-билтен