5 работи што не смеете да ги споделите со ChatGPT и сличните и што да направите ако веќе сте го сториле тоа

ChatGPT

Половина од Американците веќе редовно разговараат со ChatGPT, Gemini, Copilot или Claude – многу од нив за работи многу поинтимни од едно обично Google пребарување. Проблемот? Она што им го кажувате на овие „дигитални пријатели” не исчезнува откако ќе го затворите разговорот. Хафингтон Пост ги праша аналитичарите за приватност и тие издвоија токму пет категории информации никогаш не смеат да завршат во еден чет-прозорец.

Зошто разговорите со AI не се приватни колку што мислите

Студија на Stanford Institute for Human-Centered AI ги анализирала политиките за приватност на шест водечки компании за AI четботови — OpenAI, Google, Anthropic, Amazon, Meta и Microsoft. Наодот е недвосмислен: сите анализирани компании по дефолт ги користат разговорите на корисниците за да ги тренираат и подобруваат своите модели, а некои ги чуваат тие податоци неограничено долго.

Проблемот е што луѓето честопати воопшто не се свесни колку длабоко навлегуваат тие информации во системот. Многу јазични модели се тренирани или дотерувани со корисничките внесови, што значи дека разговорите можат директно или индиректно да придонесат кон идното однесување на моделот, објаснува експертот за кибербезбедност Џорџ Камиде.

Постои и психолошка замка зошто луѓе споделуваат повеќе отколку што би требало. За разлика од стандардното пребарување, четботовите нудат дијалог кој делува човечки и природно поттикнува доверба. Тоа може да создаде лажно чувство на сигурност, кое пак носи поголема волја луѓето да споделуваат лични информации со четбот отколку со статична пребарувачка алатка, вели Ешли Касован од Меѓународното здружение на професионалци за приватност (IAPP).

1. Лични идентификациски податоци

ЕМБГ, број на пасош, возачка дозвола, датум на раѓање, адреса, телефонски број — сите овие детали се „златен билет” за кражба на идентитет доколку паднат во погрешни раце. Дури и ако platform-ата тврди дека ги редактира или анонимизира ваквите податоци, најбезбедно е воопшто да не ги внесувате.

2. Финансиски информации

Броеви на банкарски и инвестициски сметки, податоци за кредитни картички, CVV кодови — ова се информации кои никогаш не смеат да се појават во четот. Ако сакате совет за буџетирање или даночни прашања, тоа е во ред — но конкретните бројки на вашите сметки треба да останат надвор од разговорот.

3. Медицинска и здравствена документација

Многу луѓе користат AI за да „преведат” наод од лабораторија или да добијат брзо мислење за симптом. Проблемот е што четботовите не подлежат на законите за заштита на медицински податоци какви што важат за лекарите и болниците. Ако сепак сакате помош околу медицински документ, стручњаците препорачуваат прво да ги отстраните или засенчите личните идентификациски детали пред да го прикачите документот.

4. Лозинки и најавни податоци

Ниту еден легитимен сервис не бара од вас лозинка преку чет-прозорец — па ниту AI асистентите. Истото важи и за „сигурносни прашања” како моминското презиме на мајка ви или името на првото милениче, бидејќи тие честопати се користат за обновување на заборавени лозинки.

5. Доверливи работни информации

Ако користите ChatGPT за да прередите деловна е-пошта, да сумирате белешки од состанок или да ви помогне со код на компанијата, внимавајте — доверливите деловни податоци лесно можат да завршат складирани на сервер надвор од контрола на вашиот работодавач. Токму затоа компании како Samsung, Apple и JPMorgan имаат воведено строги правила или целосни забрани за употреба на јавни AI четботови на работа.

Дополнителен ризик: прикачените документи

Важно е да се знае дека не само текстот што го пишувате, туку и фајловите што ги прикачувате, можат да завршат во тренинг-податоците. Ако користите ChatGPT за да ви помогне да го дотерате CV-то, отстранете ги личните идентификациски податоци од документот пред да го прикачите.

Стручњаците предупредуваат дека последиците можат да бидат далекусежни. Финансискиот аналитичар Адам Хејс во колумна за Investopedia истакнува дека доверливите документи, доколку бидат изложени, можат да се искористат за изнуда, измама или прецизно насочени напади на социјален инженеринг — против самите вас или против вашето семејство.

Не треба да се заборави ни правниот аспект: чувствителните детали за вашите мисли, однесување, ментална состојба или врски, споделени во ваков разговор, не се законски заштитени и теоретски можат да се појават како доказ на суд.

Што да направите ако веќе сте споделиле премногу

Штетата тешко се поништува целосно, но еве неколку чекори што можат да ја ублажат:

  • Избришете ја историјата на разговори – Повеќето платформи (ChatGPT, Gemini, Copilot) во делот „Поставки → Контрола на податоци” нудат опција за бришење на поединечни или на сите разговори.
  • Исклучете го тренирањето на модел со ваши податоци – Барајте ја опцијата „Подобри го моделот за сите” (или слична) и исклучете ја. Ова не ги брише старите разговори, туку спречува идните да се користат за тренинг.
  • Користете „Привремен разговор” / инкогнито режим – Кога разговарате за нешто чувствително, овој режим не се зачувува во историјата и не се користи за тренирање.
  • Поднесете барање преку официјалниот портал за приватност на компанијата (на пример, privacy.openai.com кај OpenAI) за целосно бришење на профилот и податоците.
  • Проверете дали сте споделиле линк од разговор јавно – Некои функции за споделување можат случајно да направат разговорот да биде индексиран од Google, па затоа треба рачно да се избришат сите активни споделени линкови.

Порака за крај

AI четботовите можат навистина да заштедат време при пишување е-пошта, подготовка прашања за лекар или брз совет за секојдневни задачи. Но токму затоа што делуваат толку „човечки” и достапни, лесно е да се заборави дека зад екранот стои компанија која ги складира, анализира и потенцијално повторно користи вашите зборови. Правилото е едноставно: ако не би го напишале тоа на јавен форум, не го пишувајте ни во четот со AI.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?