Сопствениците на цивилни дронови мора веднаш да ги приземјат леталата доколку забележат или слушнат полициски хеликоптер во близина, предупреди Министерството за внатрешни работи поради зголемениот број летови за гасење пожари, извидување, транспорт и други итни интервенции.
Од МВР нагласуваат дека маршрутата и времето на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат познати, особено при пожари и други итни случаи. Поради тоа операторите на дронови мора постојано да ја следат состојбата во воздушниот простор.
„Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот“, соопшти МВР.
Забрането е дронот да се насочува кон хеликоптер, да му се приближува, да го следи или да снима од непосредна близина. Според Министерството, дури и мал дрон може сериозно да го загрози летот доколку дојде до судир со хеликоптер.
Ризикот е уште поголем при гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на мала височина, во чад, турбуленции и намалена видливост. Појавата на дрон во зоната на интервенција може да доведе и до прекин на операцијата, со што се губи драгоцено време за гасење на пожарот.
МВР предупредува дека против лицата кои со незаконско или небезбедно управување ќе ја загрозат безбедноста на воздушниот сообраќај ќе се преземаат прекршочни, а кога има законски основ и кривични мерки. Надлежните служби веќе постапуваат по слични евидентирани случаи.
Агенцијата за цивилно воздухопловство дополнително потсетува дека секој оператор пред лет мора да провери дали просторот е слободен за користење и, кога е потребно, да го најави летот. Забранетите и резервираните зони се објавуваат на мапата на drone.gov.mk.
АЦВ веќе има практика да воведува целосна забрана за дронови над подрачја во кои се одвиваат чувствителни операции. При забраната над Кочани и Штип во 2025 година, Агенцијата предупреди дека неовластено летање во такви зони е основ за санкционирање согласно Законот за воздухопловство.
