Мистериозен организатор повика на „сенародениот собир и разговор“ посветен на македонско-руското пријателство

организатор
Фото: Tashkoskim, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Никој не знае кој е организатор на „сенародениот собир и разговор“ посветен на македонско-руското пријателство, кој е закажам за денес 14 јуни пред руската православна црква во селото Блатец, кочанско.

На социјалните мрежи деновиве кружи повик до граѓаните на општините Виница и Кочани да присуствуваат на, како што се вели, „сенароден собир и разговор“ посветен на македонско-руското пријателство, на православната поврзаност и на иднината на Македонија. Според објавата, собирот е најавен за 14 јуни пред руската православна црква во селото Блатец. Останува непознато е кој е организатор на собирот.

Религија.мк објави дерка комерцијален радио оглас на Радио Кочани бил причина цела Брегалничка епархија да се дигне на нозе и јавно да се огради од најавите за одржување на некаков проруски собор во дворот на неизградената црква во село Блатец – Виничко, закажан за денес во 18 часот.

Засега се уште никој не знае кој го организира овој Собор. Во редакцијата на Радио Кочани, како што изјавиле за Вечер, дошол човек кој уредно платил за емитување на комерцијален оглас. Текстот на тој оглас гласи: „Се повикуваат граѓаните на Општина Виница и на Општина Кочани, нека повелат на сенароден собир и на разговор околу македонско-руското пријателство, православната поврзаност и иднината на Република Македонија со оглед на сегашната состојба, определба и правец во кој се движи народот и здравата Македонија. Собирот ќе се одржи пред руската православна црква во село Блатец, на ден 14. 06. 2026 година во 18 часот“.

По објавувањето на повикот, следуваше реакција од свештеното лице Драган Арсовски, кој информираше дека настанот не е организиран ниту поддржан од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

„Почитувани верници, по социјалните мрежи почна да се шири покана за собир во Блатец на кој ќе се разговара за македонско руско пријателство, православна поврзаност. Должност ни е да ве информираме дека овој собир не е под покровителство на Црквата и е без знаење и благослов на нашиот надлежен епископ. Со самото тоа се оградуваме од било каква поврзаност со истиот. Исто така да напоменеме дека храмот каде е закажан собирот е во изградба и не е адекватно место за вакви собири. Црквата го демантира и не го одобрува овој собор бидејќи е без нејзино знаење. Црквата е македонска и му припаѓа на народот божји од Блатец и на сите луѓе, а е под управа на МПЦ – ОА Брегалничка Епархија“, напиша Арсовски на неговиот профил на Фејсбук.

Мета за став се обрати и во МПЦ, од каде што кусо ни рекоа дека не слушнале за ваков повик и дека во минатото досега не се случило да има вакви повици до граѓаните поврзани со руската црква.

Најчитано