Од истражувач на добро владеење и антикорупција, преку советување влади, претседатели и политички партии, до амбасадорската резиденција во Лондон. Илина Мангова е новата македонска амбасадорка во Обединетото Кралство и една од поретките личности во актуелната дипломатска мрежа која доаѓа директно од меѓународниот развоен и невладиниот сектор, а не од класичната кариера во МНР.
Мангова веќе ги предаде копиите од акредитивните писма во британскиот Форин офис. Како свои приоритети во Лондон ги поставува продлабочувањето на стратешкото партнерство, соработката во НАТО, безбедноста и одбраната, трговијата, образованието, културата и туризмот, но и поддршката за македонската дијаспора во Велика Британија.
Нејзиното именување привлече внимание уште во февруари, кога Владата ја предложи за амбасадорка во Лондон. Причината беше нејзиниот нетипичен дипломатски профил – наместо долгогодишна кариера низ амбасади и секторите на МНР, зад Мангова стојат околу две децении работа со политички институции, граѓански организации и меѓународни програми за демократија и добро управување.
Најголемиот дел од нејзината професионална кариера е поврзан со Меѓународниот републикански институт, ИРИ. Во различни периоди била заменик-програмски директор, програмски директор за Македонија и регионален советник за Европа. Уште во периодот од 2005 до 2009 година работела на истражување на јавното мислење, политички анализи, стратегии и консултации со партии и државни институции. Во 2014 година повторно ја воспоставила програмската канцеларија на ИРИ во Македонија.
Тоа ја ставило во непосреден контакт со практично целиот македонски политички спектар. Во нејзините јавни биографии се наведува дека работела со премиери, претседатели, партиски лидери и министри, а програмите што ги раководела биле насочени кон транспарентност, антикорупција, политичка отчетност, подобро функционирање на институциите и носење политики врз основа на податоци.
Нејзиното име се појавува и во извештајот на британскиот Дом на лордовите за Западен Балкан од 2017 година. За време на посетата на британската парламентарна делегација на Македонија, Мангова како претставник на ИРИ зборувала за системските проблеми во државата и предупредила дека промената на политичката власт сама по себе не значи и надминување на проблемите со институциите.
Пред ИРИ, Мангова била истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во Скопје, каде работела на добро управување, демократизација, избори и антикорупција. Во професионален профил од 2012 година таа веќе е наведена како истражувач на демократското управување, корупцијата, изборите и јавното мислење, со објавени трудови во Македонија и во Велика Британија.
Работела и на меѓународниот истражувачки проект Varieties of Democracy, V-Dem, каде била одговорна за Македонија. Проектот е еден од најголемите меѓународни системи за мерење на демократијата, а нејзиниот истражувачки профил таму е концентриран на добро управување, избори, антикорупција и владеење на правото.
Мангова има и искуство во академската и образовната сфера. Предавала на Институтот за комуникациски студии во Скопје, учествувала на меѓународни конференции и обуки во Европскиот парламент, САД и повеќе европски земји и е коуредник на книгата „Life for Tomorrow – Social Transformations in South-East Europe“.
Особено силна врска во нејзината биографија има токму со земјата во која сега ја претставува Македонија.
Основните студии по политички студии ги завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала компаративна политика и демократија на London School of Economics and Political Science. Во Лондон студирала како добитничка на британската Chevening стипендија.
Во 2014 година повторно престојувала во британската престолнина како добитничка на Diversity Fellowship на Британската амбасада, кога работела како гостин-истражувач во тинк-тенкот Policy Network. Била активна и во македонската Chevening alumni заедница, каде учествувала во дебати за демократијата, граѓанските слободи и институциите.
Во последната фаза пред дипломатската функција, Мангова премина од меѓународниот развоен сектор непосредно во државната администрација, како посебен советник во кабинетот на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Оттаму следуваше кандидатурата за една од поважните македонски дипломатски позиции.
Лондон во моментов е значително поважна мисија отколку што беше пред неколку години. Во мај 2025 година Македонија и Обединетото Кралство потпишаа партнерство Влада со Влада за инфраструктурни проекти во транспортот, здравството, енергетиката и технологијата. Британската страна стави на располагање до пет милијарди фунти поддршка преку UK Export Finance, а Владата во Скопје целиот потенцијален инвестициски циклус го проценуваше на околу шест милијарди евра.
Британската влада тогаш наведе и дека Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Македонија, со вкупна трговија со стоки и услуги од 1,7 милијарди фунти во четирите квартали до крајот на третиот квартал од 2024 година.
Тоа значи дека мандатот на Мангова нема да се сведе само на класичната политичка дипломатија. Реализацијата на договорот Влада со Влада, британските инфраструктурни инвестиции, новиот Стратешки дијалог, безбедносната соработка и привлекувањето британски компании ќе бидат меѓу најконкретните тестови за нејзиниот мандат.
Профилот со кој пристигнува во Лондон е токму на пресекот на тие области – политика, институционални реформи, истражување, работа со влади и меѓународни партнери. Но со амбасадорската функција се менува и позицијата: од човек кој две децении ги советувал и анализирал институциите, Мангова сега станува човек кој официјално ја претставува државата пред еден од нејзините најважни западни партнери.
