Од денеска на полноќ, стапија во сила измените во системот за наплата на патарините, со кои лентите означени за М-ТАГ ќе бидат наменети исклучиво за возила што користат електронски тагови за плаќање, соопшти Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Од претпријатието информираат дека во изминатиот период во повеќе наврати ја известувале јавноста за промените, а сега упатуваат последен апел до возачите внимателно да ги следат електронските информативни табли пред и на самите наплатни станици.
Според новата организација, лентите ќе бидат јасно категоризирани според начинот на плаќање: за М-ТАГ, за М-КАРД и за готовинско плаќање и М-КАРД.
Со измените се укинува можноста за плаќање со М-КАРД на лентите наменети за М-ТАГ. Корисниците кои располагаат со М-КАРД ќе треба да ги користат останатите ленти на наплатните станици, согласно нивната намена.
Од ЈПДП потсетуваат дека возачите се должни да ја почитуваат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и ознаките за статусот на лентите. Зелената стрелка означува дека лентата е отворена и активна, додека црвениот знак „Х“ означува затворена лента.
„Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот“, предупредуваат од претпријатието.
Целта на измените, како што наведуваат од ЈПДП, е подобрување на протокот на возила и поефикасно функционирање на системот за наплата, а известувањето е објавено за корисниците навреме да се прилагодат на новите правила.
