Откривање на „изгубените светови“ на Македонија: Кањонот на Блашница под врвовите на Кожув

Кога најпосле стигнавме до целта, веќе видовме толку чуда што не воопшто не го очекувавме спекатклот што не чекаше, но тоа е затоа што уште еднаш ја потценивме великодушноста на мајката природа.

Андреј ВОЛКАШИН

Имам детска фасцинација со Изгубениот Свет уште откако ми се падна сликичка од тираносаурус во албумот “Животинско Царство” кога имав седум години. Тоа беше во исто време еден од највозбудливите и најразочарувачки моменти од моето детство. Само што го открив постоењето на диносаурусите, за веднаш потоа да дознаам дека сите изумреле пред да се родам. Бев толку разочаран, што упорно трвдев дека мора некаде да останало некое џепџе недопрена дивина каде диносаурусите сеуште постојат, а возрасните ладнокрвно ме убедуваа во спротивното. Многу години подоцна, открив токму такво место, и тоа не во далечниот Амазон или Борнео, туку овде, во Македонија.


Според најновите истражувања на палеонтолозите, испадна дека диносаурусите сепак не изумреле целосно. Само што сега тие што опстанале се нарекуваа птици. Ми беше тешко да замислам како мојот страовит Тираносаурус се претворил во кокошка, ама кога се сетив дека пудлиците некогаш биле волци, сфатив дека еволуцијата има чувство за хумор. Но се уште постојат едни птици кои го будат тој детски занес во мене по еден исчезнат, суров, праисториски свет. Птици од ерата на диносаурусите. Тоа се мршојадците, а нив ги има и во Македонија. Така одлучив да ги истражам непристапните северозападните ограноци на Кожуф, барајќи ги местата каде мршојадците се гнездат. По деталното истражување на Google Earth изборот за мојата “експедиција” падна на кањонестата долина на една река, за која подоцна дознав дека се вика Блашница.

Знаев само еден човек доволно луд да ми се придружи, па се јавив на Елена, мојата вообичаен партнерка за губење во изгубени светови. “Тргаме од Скопје и возиме до Кавадарци, па од таму се качуваме на Витачево, за повторно да се спуштиме по црн пат до клисурата на една река. Неам поима како се вика, па да си ја крстиме Река Број 1! Се движиме по неа ден-два, или колку треба додека стигнеме до Река Број 2! Оваа изгледа е поголема, тече пониско и прави уште подлабоки кањони! Тргаме спротивно на нејзиното течение и очекувам за некои два-три дена да стигнеме до огромен кањон, каде мора да видиме мршојадци, ако не и пред тоа! Уште пред да ја завршам презентацијата на мојот крајно аматерски план, Елена трепереше од возбуда а јас повторно се вчудовидив колку малку ми требаше да ја убедам.


Еден голем дел од масивот Кожуф-Ниџе, со сите свои вериги, е навистина див планински предел исполнет со легенди и суеверија. Историски ова е рударски регион кој изобилува со ретки минерали, како што е познатиот лорандит, кој наводно се наоѓа само на Алшар и на уште две-три места во цел свет. Денес, повеќето рудници заедно со селата далечно расфрлани по планинските падини, се напуштени и раселени, што ја претвора оваа територија во совршена дивина за наивни авантуристи како мене и Елена.


Како и претходните походи со другарка ми, и овој започна со лошо пеење и неконтролирана смеа. Моментот кога плиткиот поток не однесе до густо преплетеното зеленило во кое требаше да се нурнеме, застанавме и се погледнавме, знаејќи дека од овде натаму нашето имагинарно патување се претвора во сурова реалност. По само неколку минути ја сретнавме првата змија, која за среќа беше безопасната белоушка. Во Македонија има само три видови змии што може да се опасни за луѓето, и ниту една од нив не сака влажни, тесни кланци како тој во кој се најдовме.

Овде реката понираше под земја, оставајќи го празното речно дно полно со лепкава кал прошарана со стапки од волци. Ова беше како да сме влегле во сцена од страшна приказна од некое заборавено време, долго пред Дизни да ни ги испере умовите со среќни и весели краеви. Преплетените корења и гранки над нашите глави не даваа да не допре ни сонцето, ни ветрот, а тешкиот влажен воздух носеше некое морничаво претчувство. Змиите и огромните крастави жаби што ги сретнавме надолу по патот воопшто не бегаа од нас, што само не потсеќаше дека ова не е место за луѓе.


Не ни требаше долго додека да стигнеме до момент на очај. Знаете, тој момент кога се караш со себе и се прашуваш “Што мислеше будало?!” Се најдовме пред тесен проод кој стрмно се спушташе низ длабоки локви полни со застоена вода со ларви од што ли не. Единствениот пат беше надолу низ нив, или нагоре, по вертикалните стени на клисурата. Во такви моменти има само едно решение: пиво! Знам дека ова звучи глупаво, и не велам дека не е, но никогаш не тргнувам во авантура без неколку лименки пиво во ранецот! Несомнено тоа додава болна тежина врз моите рамења, но откако ќе ја исплакнеш устата со топла слаткогорчива пена додека стоиш длабоко во калта а главата во ројак од комарци, сваќаш дека маката се исплатела. За тие што не знаат, пивото иде најдобро со пот и очај. Така зашеметени, нагазивме во камените тераси со темни ѓолови, кои скоро станаа толку длабоки што ранците мораше да ги држиме над рамењата за да не ги измокриме. Се надевавме дека до крајот на денот ќе стигнеме некаде каде што реката повторно извира, ќе не огрее сонце, ќе ја измиеме калта од нашите лица, но до доцното попладне стана јасно дека тоа место ќе остане само во нашите фантазии. Беше незамисливо да не фати мрак на дното на клисурата, и со тоа ни остана една единствена опција – да се пентариме нагоре.


Високо над реката, шумата се претвори во честак од бодликави прнари и трње, разбиен на места од остри карпи кои лесно се дробеа. Кога најпосле стигнавме до врвот, сфативме дека сме покриени во гребаници и модрици. Изгледа бевме толку желни да излеземе од дупката, што не сме ги ни осетиле боцките и спиците под кожата. Инаку, немаше се уште да бидеме на купачи. Сонцето само што зајде кога го поставивме шаторот на едно мало парче зарамнета земја, а како што се спушташе ноќта, ѕвездите се палеа една по една додека кањонот изгледаше како да се топи во небото.


Наредниот ден еден црн штрк прелета ниско над нашите глави и ни претскажа дека ќе ни се отвори ксметот. Веднаш штом поминавме на другата страна од сртот, го чувме жуборот на втората река. Охрабрени од звукот, и од убавините што се раскриваа пред нашите очи, слеговме брзо до реката и најпосле се избањавме во бистри планински води. Повторно на вистински пат, тргнавме спротивно на течението, занемени од погледот на скалите што како сронети кули се извисуваа над зеленилото. По кратко време стигнавме до вливот на една притока, која ја цепеше карпата како со секира, формирајки неверојатно тесен мал кањон. Се испентаривме внатре восхитени дека во најтесните делови, растојанието меѓу каменестите стени беше едвај распонот на нашите раце. Стигнавме до мал но висок водопад кој капеше врз минијатурна џунгла од папрат и мов.

Наредните неколку дена, нашата “мисија” продолжи нагоре преку паднатите стебла на столетни дрвја, вирови и брзаци, и безброј кањони од кој секој нареден изгледаше повеличевствено од последниот. Со стапала смрзнати од водата и глави врели од сонцето, патувањето беше истоштувачко, но мислата дека го откриваме нашиот личен Изгубен Свет ни правеше да се чувствуваме како да летаме на крилјата на кањите. Праситорискиот рај од моите детски фантазии преживеал во таа скриена оаза на девствена природа, не во некоја непозната, далечна земја, но во земјата во која што пораснав и која не верував дека крие такви изненадувања за мене.


Но најголемиот кањон, оној што ме повика таму сеуште беше некаде пред нас. И знаевме дека не чека нешто возбудливо, затоа што колку повеќе се доближувавме, толку поопасен терен требаше да совладаме. Секој разумен и искусен авантурист во тој момент би не запрашал каде се нашите јажиња и шлемови додека се искачувавме покрај водопади и процепи, ама ние бевме толку опијанети од адреналинот што во ниту еден момент не помисливме да се откажеме. Кога најпосле стигнавме до целта, веќе видовме толку чуда што не воопшто не го очекувавме спекатклот што не чекаше, но тоа е затоа што уште еднаш ја потценивме великодушноста на мајката природа.

Вертикални карпести ѕидови како облакодери се извишуваа од двете страни на реката, толку високо што се чинеше дека ги галат облаците. Реката се пенеше и грмеше стисната во длабокото корито додека чудесни стари стебла на чинари и чемпреси се извиваа херојски од пукнатините во карпите. Си мислев дека ова мора да е рајот на орлите и мршојадците. Иако восхитот во тој момент не даде место за какво и да е разочарување, неколку дена подоцна почнав да се чудам каде беа грабливките? На такво место, требаше да ги видиме како нуркаат во облаците и слетуваат високо на некој гребен до кој само тие може да дојдат.


По кратко пливање во ледените води, седевме долго на плажата од камчиња и од нивните бои и шарки, можеше да се види бурното геолошко минато на овој предел. Не врнеше ниту еднаш откако започна нашето патување, но наскоро откако стигнавме до кањонот за кој подоцна дознав дека се викал Чатино, гневни ветришта почнаа да завиваат посилно од брзаците, а облаци како мастило се споија и го сокрија синилото на небото. Погледот околу нас стана уште позашеметувачки, но истиот значеше дека вистинска бура наближува а ние мора да земеме брзи одлуки. Блашница патува долго од високите врвови на Кожув, што значеше дека може да надојде брзо и да не зароби во кањонот со денови. А пиво одамна веќе немавме, а и паштетата беше при крај. Тргнавме спротивно на течението барајќи ја левата притока која се спушташе од Мрежичко. Се движевме панично низ дождот, а реката која растеше, се посилно не туркаше назад. Се смеевме, ама смеата одекнуваше повеќе како паничен плач. Во тој момент мозокот ти шета до некои мрачни места и се чуди дали попрво би умрел од удар на гром или давење или и двете. Беше мало чудо како успевме да ја најдеме притоката низ густото зеленило. Како што се качувавме се поблиску до селото поминавме под срушени мостови и заборавени патишта по кои веќе растеа дрвја. Наидовме и на друга позната глетка, која за нас во тој момент беше добар знак, но ужасна вест за нашиот Изгубен Свет. Низ оваа Река број 3, која каскадно се спушташе преку ниски водопади од еден вир во друг, пловеа пластични шишиња и некој гаден мирис на хемиски отпад. Според нашите сознанија, Мрежичко требаше да биде напуштено село…

Кога стигнавме се сокривме во првата стара куќа, најпосле воздивнувајќи што стигнавме здрави и живи. По некое време и дождот запре и повторно огреа сонце па излеговме да го прошетаме селото. Куќите беа направени од камен, стоеја достоинствено и тивко со духовите на одминатите времиња што се рееја низ празните одаи. И баш како дух, првиот човек што го видовме откако тргнавме, еден постар човек зјапаше зачудено во нас од неговата градина. Изгледа како ние за него да бевме уште понеобична глетка, што не би ме изненадило кога ќе си замислам како сме изгледале после неколку дена талкање низ брзаци, кал и бодликави честаци. Тогаш се појави и жена му, една пргава старица како видра, со насмеани очи, ја отвори портата и веднаш не покани внатре.

Баба Данче беше десет години постара од нејзиниот сопруг дедо Коце. Нивните деца, како и многу други кај нас, се отселиле од Македонија да бараат подобар живот дури во Австралија. Данчето и Коцето пак го направиле спортивното и од Кавадарци се преселиле назад во родното село, заживувајќи ги нивите и овоштарниците во кои пораснале некогаш. Не нагостија со блага лубеница и бело сирење, а потоа кафето го послужија со резенче лимон и малку ракија. Вечерта ја поминавме во нивната закрпена камена куќа и слушавме приказни за минатото на нивниот крај. А исто така дознавме дека ѓубрето од кое изгледа во Македонија не можеме да избегаме ниту во најдивите предели, доаѓаше од една позната компанија за минерална вода и безалкохолни пијалоци сместена во селото. Ми беше несфатливо како може да продаваш изворска вода низ цела земја, и во исто време да ја загадуваш една од последните чисти реки кај нас со пластика…

Кога се вративме назад, се сетив на мојата детска занесеност по праисториски животни што не наведе на ова патување. Почнав да пребарувам на интернет и тоа што го открив беше уште едно длабоко разочарување. Во Македонија, Брадестиот и Црниот мршојадец се веќе сосема исчезнати, а популациите на Египетски и Белоглав мршојадец се сведени на едвај неколку парови. Главната причина за ова се должи на комбинација од различни фактори, меѓу кои посебно внимание ми го привлече намерното труење. Тоа се покажува како проблем низ цел Балкан, каде според една студија, во последните дваесет години, од фрлање затруена мрша умреле дури 2,300 единки во регионот.

Си замислив како еден ден, кога на моето дете ќе му се падне сликичка од мршојадец за некој албум на Животинско Царство ќе треба да му кажам дека тие птици изумреле. И тоа не поради некоја вжештена карпа што удрила во планетава пред многу милиони години, туку поради нашата малодушност. Веројатно мршојадците ќе опстојат во некои земји кои полагаат соодветна грижа за нивните природни богаства, но нивнот опстанок во Македонија навистина виси на конец. Како што тонеме се подлабоко во тотална духовна криза, непотизам и корупција, спасувањето на мршојадците, останува само во рацете на малкумината еколози-херои кои не се откажуваат, а за кои ние не знаеме ништо. Но тоа е друга приказна. Во меѓувреме ми останува надежта дека еден ден работите ќе се сменат, дека ќе ја зачуваме неверојатната дивина на Кожуф, дека ќе дојдат подобри денови како за мршојадците, така и за луѓето во Македонија и култната реплика од Паркот Јура: “Животот наоѓа пат” – ќе се покаже вистината.

Редакција Трн

Треба да знаете
Moже да ве интересира