Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска преку објава на социјалните мрежи ги објасни причините за своето учество на трибината „Разговори за иднината во 12:05“, наведувајќи дека нејзиниот ангажман не е насочен против партијата, туку, како што истакна, е мотивиран од желбата за нејзино обновување и зајакнување.
Петровска наведува дека по учеството на трибината добила бројни пораки, прашања и реакции од граѓани, поддржувачи и критичари, поради што решила јавно да го образложи својот став.
Во објавата таа прави ретроспектива на својот повеќедецениски политички ангажман во СДСМ, истакнувајќи дека е член на партијата од 2000 година и дека останала активна и во периодите кога социјалдемократите се соочувале со изборни порази и политички предизвици.
„Бев, сум и ќе бидам СДСМ“, наведува Петровска, потсетувајќи дека активно учествувала во партиските активности, изборните кампањи и политичките процеси, вклучително и во периодот на протестите против тогашната власт, како и за време на, како што посочува, клучните државни одлуки.
Осврнувајќи се на својата кандидатура за претседател на СДСМ во 2024 година, Петровска наведува дека се повлекла поради, како што тврди, кршење на принципите и правилата во изборниот процес, но додава дека и потоа ги поддржувала ставовите на партиското раководство за да не се создаде впечаток дека работи против партијата.
„Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување“, наведува Петровска.
Објавата доаѓа по реакциите во јавноста по нејзиното присуство на трибината на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, која предизвика политички полемики и различни толкувања за нејзината улога во јавниот и политичкиот простор.
