По речиси четири години, Софија Филипиду се збогува со Скопје

Грчката амбасадорка Софија Филипиду го завршува својот мандат во Северна Македонија по речиси четири години. Во проштална објава таа им се заблагодари на колегите и пријателите со кои соработувала за време на престојот во Скопје.

„Едно поглавје се затвора, а ново започнува. По речиси четири години дојде време со голема почит да се збогувам со моите прекрасни колеги и со сите наши пријатели. Ова беше период за паметење“, напиша Филипиду.

Филипиду ја презеде функцијата амбасадорка на Грција во Скопје во ноември 2022 година. Нејзиниот мандат се одвиваше во период на чувствителни политички односи меѓу двете земји, но и на засилена соработка во економијата, енергетиката, одбраната, европските интеграции и прекуграничните проекти.

Во јули таа веќе имаше проштални средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието Африм Гаши. На средбите беше истакната потребата од натамошно продлабочување на македонско-грчката соработка и поддршка за европскиот пат на Северна Македонија.

Филипиду е кариерен дипломат и во грчката дипломатска служба е од 1993 година. Пред Скопје, од 2019 до 2022 година беше амбасадорка на Грција во Албанија, а претходно работела во дипломатските мисии во Белград, Москва и Вашингтон. Магистрирала меѓународни односи на Лондонската школа за економија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?