Наставниците, едукаторите и сите заинтересирани за иднината на образованието се поканети на практична презентација посветена на употребата на вештачката интелигенција во наставата, со фокус на безбедна и етичка примена, локални јазици и конкретни алатки што можат да помогнат во секојдневната работа со учениците.
Презентацијата, „ВИ писменост за наставници: локални јазици, етичка употреба и практична поддршка во наставата“, ќе се одржи на 5 јуни, од 16:00 до 18:00 часот, во Амфитеатарот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје.
Настанот е дел од програмата „The AI Collective Skopje | Humans in AI Week“ и ќе обедини наставници, едукатори, директори на училишта, истражувачи и професионалци заинтересирани за иднината на образованието во време на забрзан технолошки развој.
Во фокусот ќе бидат практичната примена на ВИ алатки во наставата, поддршката на локални јазици, дигиталната и медиумската писменост, етичките аспекти на користењето на вештачката интелигенција, како и новите пристапи за поголемо вклучување и мотивација на учениците преку гејмификација и интерактивно учење.
На настанот ќе говорат:
• Суад Сефери – експерт за вештачка интелигенција, автор и претседател на AINOW Society
• Проф. д-р Сеад Џигал – универзитетски професор и експерт за медиумска и дигитална писменост
• Игор Богданоски – експерт за образовни технологии и ВИ алатки
• Проф. д-р Владимир Трајковиќ – професор на ФИНКИ и еден од водечките експерти за информатички технологии во земјата
„ВИ писменоста не значи само користење нови алатки. Таа значи разбирање како функционира вештачката интелигенција, каде може да помогне, но и каде треба да бидеме внимателни. Наставниците имаат клучна улога во тоа учениците да развијат критичко размислување и одговорен однос кон технологијата. Нашата цел е да им понудиме практични ресурси и поддршка на локални јазици, за ВИ да биде достапна и корисна за секој наставник и ученик“, вели Суад Сефери, основач на AINOW Society.
Учесниците ќе имаат можност да проследат практични демонстрации на современи ВИ решенија наменети за образованието, како и да дискутираат за предизвиците и можностите што ги носи вештачката интелигенција во наставниот процес.
Настанот е бесплатен, но потребна е претходна регистрација преку платформата Luma.
Пријавување на:
https://luma.com/the-ai-collective-skopje-humans-in-ai-wee-b2fd0f4d
Организаторите ги покануваат сите наставници, едукатори и образовни институции да бидат дел од оваа дискусија и заеднички да придонесат кон поодговорна, поинклузивна и попрактична примена на вештачката интелигенција во образованието.
