Пред Фејсбук и TikTok: Како Македонија ја „продаде“ идејата за независност пред 35 години

Независност

Пред 35 години немаше Facebook, TikTok, YouTube, интернет портали, инфлуенсери ниту политички спинови во денешната форма. Имаше весници, радио, телевизија, плакати, летоци, политички говори и едно прашање од кое зависеше иднината на Македонија: дали граѓаните сакаат суверена и независна држава.

Во летото 1991 година Македонија влезе во една од најнеобичните политички кампањи во својата современа историја.

Не се избираше влада. Не се избираше претседател. Не се натпреваруваа кандидати.

Се обидуваше да се убеди целото општество дека е можно да се направи нешто што до тој момент изгледаше речиси незамисливо – една југословенска република да стане независна држава.

А кампањата се водеше во време кога Југославија веќе се распаѓаше, војната во Хрватска беше реалност, иднината на федерацијата беше неизвесна, а стравот од тоа што ќе следува беше исто толку силен колку и желбата за независност.

Денес, кога политичките кампањи се мерат во кликови, лајкови, таргетирани реклами и алгоритми, интересно е да се врати времето 35 години наназад и да се постави едно современо прашање:

Како во 1991 година се „продаде“ идејата за независна Македонија?

Првата порака не била на плакат, туку во самото прашање

Историскиот процес не започна на 8 септември.

Првиот повеќепартиски парламент беше конституиран во јануари 1991 година, а на 25 јануари Собранието ја донесе Декларацијата за сувереност на тогашната Социјалистичка Република Македонија. Следуваа уставни промени, политички преговори и постепено дистанцирање од федералниот центар.

На 6 август 1991 година Собранието ја усвои одлуката за распишување референдум. Во неа беше формулирано прашањето:

„Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“

И тука започнува една од најинтересните комуникациски димензии на кампањата.

Прашањето не беше едноставно „Дали сте за независност?“.

Во него беа споени две пораки: самостојна држава и можност за иден сојуз со другите југословенски држави.

Тоа било важно во момент кога никој со сигурност не можел да знае дали Југославија ќе исчезне, дали ќе се реформира или дали ќе се создаде некаква нова федерација.

Со други зборови, на граѓаните не им се нудеше само раскин. Им се нудеше независност со отворена врата кон идно здружување.

Тоа е важна нијанса ако денес сакаме да разбереме како изгледала политичката комуникација во 1991 година.

Факсимил од првата анкета за референдумот што ја објавивме во „Вечер“ на 10 август 1991. Извор: СДК

Македонија немала „кампања на социјалните мрежи“, туку имала медиумски мегдан

Ако денес политичарот оди на Facebook Live, тогаш политичарот во 1991 година одел во радио или телевизиско студио.

А ако денес една политичка порака за неколку часа може да стигне до стотици илјади луѓе преку порталите и социјалните мрежи, тогаш главните канали биле телевизијата, радиото и печатот.

Особено интересно е сведоштвото за улогата на Радио Телевизија Скопје.

Во деновите пред референдумот низ студијата поминуваа политичари, професори и јавни личности од различни политички провиниенции. Радиото и телевизијата станаа место на дебати за иднината на земјата, а на самиот 8 септември подготви и директен пренос од скопскиот плоштад.

Тоа е практично тогашната верзија на медиумскиот „live“ пренос.

Само што немало коментари под видеото, немањето „share“ и „like“ не значело дека влијанието било помало.

Напротив.

За голем дел од граѓаните, радиото и телевизијата беа прозорецот кон она што се случува во државата.

А потоа дојдоа плакатите

Кампањата имала и свој визуелен јазик.

Архивските материјали што денес повторно се отвораат за јавноста покажуваат дека референдумот не бил само правен и политички процес, туку и процес на масовна комуникација.

Државниот архив деновиве, по повод 35-годишнината, првпат пред јавноста презентира оригинално гласачко ливче, записници од гласачките места и низа документи поврзани со подготовката и организацијата на референдумот.

Но покрај институционалните документи, сочувани се и пропагандни материјали од кампањата.

На нив се појавува и едноставната порака:

„8 Септември 1991! РЕФЕРЕНДУМ ’91 – Македонија гласа за самостојност!“

Автор на плакатите и постерите за референдумот е архитектот Митко Хаџи Пуља

Ако ја споредиме со денешниот политички маркетинг, пораката е речиси совршен пример на предсоцијално-медиумски слоган:

датум + настан + јасен став.

Нема долг текст.

Нема комплицирана програма.

Нема 17 хаштагови.

„Македонија гласа за самостојност.“

Пораката е колективна. Не зборува „јас“, туку „Македонија“.

И токму тоа е еден од клучните елементи на тогашната комуникација: независноста се претставува како заеднички национален проект, а не како избор на една политичка партија.

Но дали сите ја добивале истата порака?

Тука приказната станува многу посложена.

Кога денес се зборува за референдумот, често се создава впечаток дека целото општество тргнало кон истиот одговор.

Резултатот навистина бил убедлив: според официјалните податоци, од 1.495.807 граѓани со право на глас, на референдумот излегле 1.132.981, а 95,09 отсто од излезените гласале позитивно. Тоа претставувало 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас.

Но политичкиот консензус не бил целосен.

Албанските политички партии повикале на бојкот, во контекст на нивното незадоволство од политичкиот и уставниот статус на Албанците во тогашната држава. Современите и подоцнежните сведоштва од албански политички актери токму прашањето за еднаквоста и политичката положба го наведуваат како причина за бојкотот.

Затоа е важно да не се реконструира 1991 година како приказна во која „сите граѓани“ комуницирале со државата на ист начин.

За едни, референдумот бил историскиот момент за создавање независна држава.

За други, тој не ги решил прашањата за тоа каква држава ќе биде таа независна Македонија и какво место во неа ќе имаат Албанците.

Треба да бидеме чесни и тој факт треба да го прифатиме како слабост на комуникацијата од 1991 година: пораката за независност била моќна, но не значела исто за сите политички и етнички заедници.

Најинтересниот „изборен резултат“ дошол пред гласањето

Во август 1991 година весникот „Вечер“ направил нешто што денес би го нарекле предизборно истражување на јавното мислење.

Новинарките Марина Костова и Валентина Велевска го тестирале самото референдумско прашање.

Првата анкета била објавена на 10 август.

На прашањето граѓаните одговориле со 78,5 отсто „за“.

Втората анкета била објавена на 31 август, една недела пред референдумот.

Поддршката се зголемила на 80,5 отсто.

Но има еден уште поинтересен податок.

Луѓето биле поспремни да кажат дека сакаат независност отколку да веруваат дека референдумот навистина ќе успее.

Во првата анкета, 78,5 отсто биле „за“ независност, но само 69 отсто очекувале референдумот да има позитивен исход.

Факсимил од второто истражување на јавното мислење за референдумот за самостојност на Македонија спроведена и објавена на 31 август 1991 во весникот „Вечер“. Извор: СДК

Една недела пред гласањето, 80,5 отсто биле „за“, а 74 отсто верувале дека референдумот ќе успее.

Тоа е можеби најдобрата слика за атмосферата во летото 1991 година.

Желбата постоела. Сигурноста – не.

Кампања во сенката на војната

Денес е лесно да се заборави колку неизвесен бил моментот.

Југославија веќе се распаѓала.

Словенија и Хрватска веќе беа влезени во вооружен конфликт.

На границите се чувствувала неизвесноста.

Никој не можел да гарантира дека Македонија ќе успее да излезе од федерацијата без војна.

И токму затоа политичката комуникација не била само прашањето „Дали сакате независност?“

Во позадината стоело многу потешкото прашање:

„Дали Македонија може да стане независна, а притоа да не стане ново бојно поле?“

Историјата покажа дека македонскиот пат ќе биде поинаков од оној на Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Но во септември 1991 година тоа сè уште не било познато.

Она што денес го забораваме: независноста морала да биде објаснета

Во денешниот политички маркетинг, партиите продаваат програми.

Една кампања ветува плати.

Друга инфраструктура.

Трета ЕУ.

Четврта борба против корупцијата.

Во 1991 година „производот“ бил многу посложен.

Независност.

Но што значи тоа за човекот што стои пред телевизорот? Што значи за работникот? За земјоделецот? За студентот? За семејството? Ќе има ли плати? Ќе има ли струја? Ќе има ли храна? Ќе има ли безбедност? Ќе има ли работа? Ќе има ли меѓународно признавање?

Ќе има ли војна?

Токму затоа референдумската кампања треба да се чита и како кампања за намалување на стравот од иднината.

Не се убедувале граѓаните само дека независноста е добра.

Требало да се убедат дека неизвесноста може да се преживее.

И тука се гледа колку многу се сменил политичкиот маркетинг

Во 1991 година политичката порака патувала бавно. Од весник до весник. Од радио до радио. Од телевизија до телевизија. Од плакат до плакат.

Од човек до човек.

Но токму затоа секоја порака имала поголема тежина.

Немало алгоритам што ќе ви прикаже пет различни верзии на истата политичка порака според тоа што сте кликнале вчера.

Немало „таргетирана публика“ во денешната дигитална смисла.

Имало една држава, една јавност и еден историски момент.

Но имало и нешто што денешните кампањи тешко го реплицираат: чувството дека граѓанинот не избира само политичар, туку учествува во создавањето на нешто што дотогаш не постоело.

Претседателот Киро Глигоров во Битола

Кампањата не се водеше само од студијата – се одеше од град во град, од село во село

Но кампањата за референдумот во 1991 година не се случуваше само во телевизиските студија, на страниците на весниците и преку радиото. Таа се водеше и на терен – буквално од град во град, од маало во маало и од село во село. Како млад новинар во тогашната Радио Телевизија Скопје, подоцна Македонска радиотелевизија, и самиот бев дел од тие теренски екипи.

Со некои од тогашните политичари патувавме низ Македонија, а патиштата нè носеа и до најзафрлените села, каде што се разговараше со луѓето за тоа што значи референдумот и зошто треба да излезат и да заокружат „ЗА“.

Тоа не личеше многу на денешен политички митинг. Немаше големи видеоѕидови, озвучување, партиски спотови и однапред подготвени пораки за социјалните мрежи. Имаше маса луѓе, често во некоја мала сала, училиште, дом на културата или селски двор, и политичар кој требаше лице в лице да одговори на едно многу едноставно, но тогаш огромно прашање: „Што ќе биде со нас ако гласаме за независност?“

Мене лично најсилно ми остана чувството дека луѓето не бараа толку да им кажете како да гласаат, колку што сакаа некој да им објасни што ќе се случи утредента.

Тоа беше суштината на теренската кампања. Во тие разговори не се зборуваше само за историјата, националната самостојност или политичката волја. Се поставуваа сосема секојдневни прашања: дали ќе има работа, што ќе биде со платите, со пензиите, со земјоделските производи, со снабдувањето, со границите, со војската, со безбедноста.

Во атмосферата на распаѓањето на Југославија и веќе започнатите вооружени конфликти во Хрватска, за многумина независноста не била само политичка идеја – била ризик за кој сакале да знаат дали некој има план како да се преживее.

И токму затоа денес, 35 години подоцна, кога ќе се гледаат само бројките од референдумот, лесно се губи една важна слика: зад 95,09 отсто гласови „ЗА“ стоеле стотици разговори, патувања и средби на кои политичарите морале да ја објаснуваат независноста не како историски поим, туку како нешто што требало да стане дел од секојдневниот живот на човекот пред кого стоеле.

Македонија не ја „освои“ независноста со една порака

Тоа е можеби најважната поента на оваа приказна. Независноста не била резултат на еден плакат. Ниту на една телевизиска емисија. Ниту на еден говор.

Ниту само на Киро Глигоров.

Ниту само на политичките партии.

Зад 8 Септември стоел процес што траел со месеци: парламентарни одлуки, декларации, политички преговори, медиумски дебати, јавни настапи, анкети, плакати, организација на гласањето и – можеби најважно – постепено убедување на граѓаните дека државата што ја знаеле како југословенска република може да продолжи сама.

Државниот архив денес токму преку оригиналните документи овозможува тој процес повторно да се гледа не само како митологизиран историски настан, туку како низа конкретни одлуки, институции, потписи, записници и луѓе.

И тоа ја менува перспективата.

Пред 35 години Македонија немала интернет. Но имала јавност.

Можеби најголемата разлика меѓу 1991 и 2026 година не е технологијата.

Туку начинот на кој политиката се обидува да стигне до граѓанинот.

Пред 35 години, граѓанинот морал да ја побара информацијата.

Да купи весник. Да го слуша радиото. Да ја гледа емисијата. Да разговара со соседот. Да оди на политички митинг.

Денес политичката порака го бара граѓанинот. Влегува во неговиот телефон. Во неговиот Facebook feed. Во TikTok. Во YouTube. Во порталот што го чита. Во рекламата што му се појавува. Во видеото што му го праќа пријател.

Тогаш немало алгоритми.

Но имало нешто друго: момент во кој една цела генерација чувствувала дека стои пред историски избор.

На 8 септември 1991 година, 1.132.981 граѓанин излегол да гласа.

И 95,09 отсто од нив го заокружиле „за“.

Триесет и пет години подоцна вреди да прашаме: Како биле убедени да гласаат?

Кој им зборувал?

Што им ветувал?

Од што ги плашел?

Што им објаснувал?

Што им премолчувал?

И, најважно од сè: Каква Македонија им била „продадена“ во летото 1991 година – а каква Македонија навистина добивме?

Тоа е можеби најинтересната приказна за 8 Септември што можеме да ја раскажеме денес.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?