Од Том Круз до новата „Дина“, девет филмови што не смеете да ги пропуштите

Девет филмови, од спектакли со Том Круз и Бред Пит до новите продолженија на „Дина“, „Одмаздници“ и „Игрите на гладните“, треба да ја одбележат филмската сезона до крајот на 2026 година. Некои веќе пристигнаа во кината, додека најголемата битка за публиката се очекува во ноември и декември.

Календарот покажува дека Холивуд повторно се потпира на големите франшизи, но остава простор и за авторски филмови зад кои стојат Ридли Скот, Алехандро Гонзалес Ињариту, Дејвид Финчер и Роберт Егерс. Датумите се однесуваат на најавените меѓународни и американски премиери, додека прикажувањето во Македонија може да се разликува.

„The Dog Stars“ на Ридли Скот веќе се прикажува на дел од светските пазари. Постапокалиптичната приказна го следи поранешниот пилот Хиг, кого го игра Џејкоб Елорди, во свет уништен од пандемија. Неговото преживување на напуштен аеродром го дели со вооружениот поранешен маринец Бенгли, во улога на Џош Бролин.

На големото платно пристигна и „Coyote vs. Acme“, филмот кој за малку ќе завршеше трајно заклучен во архивите. Откако студиото „Ворнер брос“ се обиде да се откаже од веќе завршениот проект, правата ги презеде „Кечап ентертејнмент“. Во приказната, Итар Пејо ја тужи компанијата АКМЕ поради производите што со години му предизвикуваат катастрофи.

Том Круз на 2 октомври се враќа со „Digger“, црна комедија во режија на оскаровецот Алехандро Гонзалес Ињариту. Круз го игра Дигер Роквел, моќен човек кој се обидува да го убеди светот дека токму тој може да го спаси човештвото од катастрофата што самиот ја предизвикал.

Во ноември пристигнува „I Play Rocky“, филм за неверојатната приказна зад создавањето на „Роки“. Во средиштето е младиот Силвестер Сталоне, тогаш непознат актер и сценарист, кој одбил да го продаде сценариото доколку студиото не му дозволи самиот да ја одигра главната улога. Филмот ќе почне да се прикажува во избрани кина на 6 ноември, а пошироката дистрибуција е најавена за 20 ноември.

На истиот датум се враќа и светот на Панем со „The Hunger Games: Sunrise on the Reaping“. Дејството се одвива 24 години пред приказната за Катнис Евердин и го следи младиот Хејмич Абернати за време на педесеттите Игри на гладните, кога двојно повеќе деца биле испратени во арената.

Една од најнеобичните комбинации доаѓа со новата приказна за Клиф Бут. Бред Пит повторно го игра ликот од „Беше еднаш во Холивуд“, Квентин Тарантино го потпишува сценариото, а режијата му е доверена на Дејвид Финчер. „The Further Mis Adventures of Cliff Booth“ ќе има двонеделно прикажување во кината ИМАКС од 25 ноември, пред да пристигне на „Нетфликс“ на 23 декември.

Најголемата филмска пресметка е закажана за 18 декември, кога истовремено треба да пристигнат „Dune: Part Three“ и „Avengers: Doomsday“. Новата „Дина“ на Дени Вилнев ја продолжува приказната речиси две децении откако Пол Атреидес ја презел контролата врз Империјата. „Одмаздници“, пак, го враќа Роберт Дауни Џуниор во светот на „Марвел“, но овојпат не како Ајрон мен, туку како Доктор Дум.

Филмската година ќе ја затвори „Werwulf“ на Роберт Егерс, готски хорор сместен во Англија во 13 век. Арон Тејлор Џонсон, Лили Роуз Деп и Вилем Дефо се дел од приказната за село опседнато од мистериозно суштество, снимена со дијалози на историски средноанглиски јазик. Премиерата е најавена за 25 декември

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?